Денoвиве во Мадрид, официјално излезе од печат двојазичната поетска книга Dos mares („Две мориња“) од Јосип Коцев, на шпански и македонски јазик. Оваа книга, која веќе беше препознаена и номинирана за престижната награда „Браќа Миладиновци“ во 2023 година, со преводот доби нов живот на шпански јазик, благодарение на преводот на Марко Видал Гонзалез и уметничкиот дизајн на корицата од Марија Вера Авељанеда.
„Две мориња“ е поетска збирка која, како што пишува критичарката Патриција Креспо Алкала, „раѓа сопствен универзум преку зборови“. Книгата е поделена на две тематски целини – „Море од невидливи нишки“ и „Море умор“. Во првиот дел, Коцев ги истражува неизвесноста и беспомошноста предизвикани од глобалните настани како пандемијата и војната, додека во вториот дел се впушта во интимно патување низ сопствената свест за минливоста и љубовта која преобразува. Поетот користи синтакса која ја одразува кршливоста на современото битие, а неговиот јазик е секојдневен, но исполнет со симболика во духот на Лорка, забележува Креспо Алкала.
Објавувањето на двојазичното издание во Шпанија е значаен чекор не само за Коцев, туку и за македонската поезија воопшто, отворајќи нови можности за нејзина интернационална афирмација. Книгата е првично издадена од „Антолог“ од Скопје во 2023 година.
Коцев е автор на пет поетски книги: „Јас, Квентин Скриблер“ (2015), „Напишана тишина“ (2016), „Сега е најдолгото никогаш“ (2018), „Музеј на чувствата“ (2019) и „Две мориња“ (2023), и добитник е на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2017) и „Бели мугри“ (2019), а трипати бил во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“.
Соработката со мадридската издавачка куќа „La Tortuga Bulgara“ започнала уште во 2021 година, кога тие изразиле интерес да преведат неколку песни од претходната збирка на Коцев, „Музеј на чувствата“, за мексиканското поетско списание Circulo de Poesia. Оваа издавачка куќа се залага за афирмација на книжевностите од помалку застапените источноевропски јазици на шпанското говорно подрачје, кое брои над 600 милиони луѓе ширум светот. Веднаш по издавањето на „Две мориња“ и номинацијата за наградата „Браќа Миладиновци“, интересот за шпанско издание се реализирал со посветена работа на преведувачкиот тим, кој внимателно го пренел секој стих и скриено значење од македонски на шпански јазик.
Коцев за ова искуство вели дека чувството да се види сопствената поезија препеана на друг јазик е прекрасно, а некои песни, според него, изгледаат како да се оригинално напишани на шпански.





