Весна Ѓиновска-Илкова, Кристина Светиева и Ѓорѓи Цуцковски на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржат сопранот Весна Ѓиновска-Илкова, пијанистката Кристина Светиева и тенорот Ѓорѓи Цуцковски. На програта се дела од П. И. Чајковски, С. Рахмањинов, Г. Форе, Ф. Пуланк, Ф. Лист, Р. Штраус и други. Концертот е во рамките на Охридско лето.

Весна Ѓиновска-Илкова дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје,во класата на проф. Милка Ефтимова, а магистeрските студии ги завршил во Белград во класа на проф. Радмила Бакочевиќ. Во нејзината богата оперска продукција, остварува повеќе од дваесет насловни улоги. Дебитира како Микаела во „Кармен“ со прославениот руски тенор Сергеј Дубровин во 1996 година, а меѓународното деби го има во Софија во улогата на Елизабета во „Дон Карло“, во рамки на меѓународниот натпревар „Борис Христов “, заедно со прославениот Никола Ѓузелев во 1998 година. Во 2014 г., со рецитал дебитира во Њујорк каде интерпретира дела од македонски автори.

Весна Ѓиновска-Илкова

На нејзиниот репертоар се улогите на Чо-чо сан во „Мадам Батерфлај”, Леонора во „ Моќ на судбината“, Сантуца во „Кавалерија Рустикана“, Лејди Магбет во „Магбет“, Леонора во „Симон Боканегра“, Турандот и Лиу во „Турандот“ и др. На нејзниот репертоар се и бројни вокално-инструментални дела – реквиемите од Моцарт, Верди, Бритн, дела од Перголези, Хајдн и Брукнер. За достигнувања во оперската уметност, Весна Гиновска – Илкова е добитник на наградата „13 Ноември“, која ја доделува градот Скопје, „Златна маска“ во 2006 година како и „Златна лира“ на Здружението на музички уметници во 2009 година. Во 2014 година ја добива наградата „Виртуози“, а во 2019 година e добитничка на високата државна награда „Св. Климент Охридски“. Од 2006 година, Весна Гиновска-Илкова предава соло-пеење на ФМУ- Скопје.

Ѓорѓи Цуцковски

Ѓорѓи Цуцковски дипломира на ФМУ во Скопје со Cum Laude во класата на проф. Билјана Јовановска, а специјализира оперско пеење во Виена кај професор Оливера Миљаковиќ. Магистрира во 2019 година во класата на маестро Борис Трајанов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2010 до 2014 година е претседател на управниот одбор на Националната опера и балет како и уметнички директор од 2014 до 2018 и селектор на музичката програма на фестивалот Охридско лето во 2018 година. Како првенец во НОБ е носител на главните тенорски улоги кои се на нејзиниот репертоар. Цуцковски е солист-првенец на Националната опера и балет од 2007 година и професор на факултетот за Аудио – визуелна уметност – ЕСРА.

Кристина Светиев

Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Дипломира во 2006 година со Cum Laude на ФМУ во Скопје во класата на проф. Т. Светиев, а магистрира во 2008 год. (под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз Schola Cantorum под менторство на Захариева. Во април 2014 год. докторира на ФМУ во Скопје, под менторство на Захариева. Носителка е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија. Светиева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Сподели