„Македонски мозаик“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва во Ерменската католичка катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул во чест на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. Пред истанбулската публика ќе настапимешаниот хор „Про Арс“ од Скопје, предводен од реномираниот македонски диригент Сашо Татарчевски. Овој ансамбл, познат по својата интерпретативна зрелост и префинет израз, ќе се претстави со мозаик од најзначајните дела и остварувања на македонската хорска музика.
Ќе бидат изведени композиции на истакнати македонски композитори: Драган Шуплевски, Стојче Тошевски, Трајко Прокопиев, Томислав Зографски, Властимир Николовски, Кирил Македонски, Стефан Гајдов, Стојан Стојков, Тодор Скаловски и Живко Фирфов. Репертоарот обединува хорски минијатури, народни мотиви и современи дела, создавајќи живописна звучна целина која ја претставува македонската музичка култура во нејзината разновидност.
Мешаниот хор „Про Арс“ е професионален ансамбл основан во 2011 година од маестро Сашо Татарчевски, кој е и негов уметнички раководител и диригент. Ансамблот настапувал на престижни меѓународни сцени во Австрија, Бугарија и Грција.
Концертот во Истанбул го организира Македонскиот културен центар во Истанбул во соработка со Асоцијацијата на истанбулската филхармонија како дел од активностите за културна промоција и афирмација на македонската култура и уметност во Турција.





