Ова е книга и за поразителниот факт дека смртта е единствен сведок за срамот во животот на некои луѓе, кои колку што е можно да се фиктивни анти-херои, толку е можно и да се дел од нашето најблиско опкружување
Пишува: Александра Јуруковска
Неполни две години по објавувањето во Хрватска („Диспут“, 2019), романот „Часовничарот“ на познатата хрватска писателка Михаела Гашпар е објавен и на македонски јазик („Антолог“, 2021). Всушност, хрватското издание во оригинал е насловено „Немирница“ и токму тој поим е почетната теза за секое негово подетаљно исчитување. ’Немирница’ е еден дел од механизмот на часовниците што стручно се нарекува рамнотежно или балансно тркало (забелешката е на преведувачката на македонски, Кристина Велевска) и иако именката одлично „легнува“ и во македонскиот јазик, сепак насловот кај нас е „Часовничарот“. Тоа пак ќе се покаже сосема оправдано или како уште носечка теза во толкувањето на оваа книга.
Гашпар го опишува животот на часовничарот Јосип Мајдек низ неговиот глас (јас-раскажувачач), но и низ неговите очи, низ неговата точка на гледање (фокализатор). Книгата има навидум рамномерен тон, привидно меланхоличен, кој го воведува читателот во размислите на еден човек што ѝ гледа на смртта в очи. Мајдек има болно срце и чека трансплантација. Тоа му ја побудува меморијата, па приказната е полна реминисенции за нештата од неговото подалечно и поблиско минато.
На прв поглед темата изгледа познато и истрошено, но она што го прави „Часовничарот“ вистински длабок роман се прецизните описи и силни мисли. Градењето и на нарацијата и на деталните описи е како диктирана од прецизен механиза (можеби на рачен часовник, можеби токму од “немирницата“?!). Отчукувањето на стрелките се поклопува со отчукувањето на болното срце на Мајдек, а тоа пак со неговите, често и болни мисли. „Цел свет отчукува“ е насловот на едно од поглавјата. Читателот и во него, но и во сите останати може да го почувствува чукањето на срцето на главниот лик и раскажувач, звукот на стрелките на сите часовници во неговата работилница, звукот на неговите чекори и што е пофасцинантно – звукот на неговите мисли, но не и на неговата совест.

Изборот на моќни реченици како поднаслови (Утехата е украс на светот, Светот е полн со робови) исто така е важна одлика на оваа книга. Гашпар е вајарка по професија, таа е свесна за моќта на обликувањето на нештата – од реченица до детаљ. Многу од описите во романот се мали филмски епизоди со документарна прецизност, со натуралистички пристап во „вајањето“ на болеста, болките, болничките патешествија, непријатните чувства, дури и кон најблиските и најсаканите. Всушност, „Часовничарот“ во преден план ги става токму непријатноста, гадењето и гадливоста од предизвикани од нечија туѓа болест или смрт. Нерпијатен е и самиот лик, самиот раскажувач, а тоа е свесна одлука на авторката. За него како читатели немате сочувство, ниту симпатии. Едноставно, тој е крајно антипатичен, иако не може да се каже дека е анти-херој. Секој негов чекор, секоја негова постапка е тревожно потсетување дека околу нас има многу такви личности, дека можеби дури и во нас има многу особини од тие личности.
Мајдак чувствува гадење од болната жена и одбивност кон родената ќерка. На моменти умешно ја прикрива, за на крајот сосема отворено да ја покаже и својата егоистичност. Вознемирувачко и/ли поразително е и чувството што неговите постапки ги предизвикуваат кај читателот додека отворено се гади од староста, исто како што се срами од старата и немоќна мајка која по краток престој во неговиот дом, ја враќа назад во родната куќа. Причината е банално едноставна – таа со својата сенилност им го нарушува комодитетот и им создава нелагодност: „се приближувам до својот дом и му го враќам неговиот жив дел што накратко се одвоил од него“ (стр. 112).
„Часовничарот“ на Михаела Гашпар е роман за непријатноста меѓу најблиските луѓе во животот и сосема природното прифаќање на смртта како некој најблизок. Мајдак во еден момент вели „Мојата смрт отсекогаш живее во мене и ме познава подобро од сите“ (127). Ова е книга и за поразителниот факт дека смртта е единствен сведок за срамот во животот на некои луѓе, кои колку што е можно да се фиктивни анти-херои, толку е можно и да се дел од нашето најблиско опкружување.
Враќајќи се на горепоставените рамки за исчитување на делото, се враќам и до креирањето на атмосферата, во која постои кулминација на привидната меланхолија. Зад тоа се крие силен внатрешен немир кој го погодува дури и читателот. Користејќи го механизмот на часовникот како контекст, но и како метод, Михаела Гашпар исцртува длабок пејзаж на човековата совест, прецизно измерена со „немирницата“.





