Кому му е потребен свет во кој рибата е риба, облакот – облак, а поезијата – поезија?

Во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, вчера ѝ се судеше на книгата „Птици во аквариум“ и на нејзините автори Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ. Судијата Владимир Мартиновски беше исправен пред тешка одлука: Дали оваа книга со самиот свој наслов претставува убиство на разумот и логиката и со тоа заслужува тешка казна и тргнување од продажба, како што бараше јавниот обвинител Венко Андоновски?

Дали да им верува на духовите на Димитар Митрев и Георги Старделов реинкарнирани во телата на млади луѓе како ги повторуваат своите зборови од 50-те години на минатиот век против надреализмот? Дали да им верува на јавниот бранител Гоце Смилевски и на адвокатот на обвинетите Владимир Јанковски, кои прашуваа како е можно обвинителот да живее со толку многу реалност и кому му е потребен свет во кој рибата е риба, облакот – облак, а поезијата – поезија?

Венко Андоновски

Дали се доверливи сведоците од кои едната (Соња Стојменска-Елзесер) извикуваше три пати УРА за надреализмот, за ДПМ и за Универзална сала, другата (Марија Гиревска) беше излезена од сликата на Леонора Карингтон, а третиот (Иван Шопов) истакна дека да се биде заљубен во погрешна епоха може да биде смртоносно?

Владимир Мартиновски

Дали се виновни обвинетите за кои беше кажано дека не се со сите, но не се ни луди, а кои самите си признаа дека тие што се плашеле од надреализмот со право се плашеле од него и дека е вистинска среќа што тој живее до денес?

Коцката беше фрлена, како и грашокот на поротата кон обвинителот, а одлуката мораше да биде донесена и покрај сите притисоци, како што беше донесена и оваа прекрасна судска атмосфера на Филолошкиот факултет.

– Среќните присутни имаа можност да бидат единствените што ќе ја купат книгата пред да ѝ биде судено, а од денеска сите можеме да ја читаме и да ѝ судиме сами – велат од „Полица“.

Сподели