Филмови за одржлива мода во Скопје

Филмови за одржлива мода се во фокусот на ревија што денеска во 18 часот ќе се одржи во Europe House Скопје. Ревијата е по повод одбележувањето на 10-годишнината со Неделата на Модната револуција, која го обединува најголемото светско движење за моден активизам. Оваа година кампањата трае од 15 до 24 април. 

– Ние ја обожуваме модата и истовремено сме свесни дека потребна е итна промена. Горливите теми во модната индустрија, кои се движат од експлоатација на работници до деградација на животната средина, претставуваат застрашувачки етички и одржлив предизвик. Сепак, филмот нуди моќна алатка за анализа на овие сложености и поттикнување на акција. Филмовите кои се занимаваат со начинот на кој се третирани луѓето кои работат во модната индустрија, како и последиците за животната средина, служат како потресни рефлексии на реалноста, поттикнувајќи нè повторно да го процениме нашиот однос со облеката и потрошувачките навики – велат организаторите.

Тимот на македонскиот огранок на Модна револуција (Fashion Revolution) направи избор на филмови за одржлива мода. Ќе бидат прикажани:

1. Fashion Reimagined (2022) на Беки Хатнер / Becky Hutner (100 min)
2. The next Black (2014) на David Dworsky/Дејвид Дворски, Victor Kohler / Виктор Колер (47 min)
3. UNSTITCHED на Jenny Rygalska / Џени Ригалска (43 min)

Задолжително пријавување на линкот.

Сподели