Во чест на големиот композитор и диригент Александар Џамбазов, денеска во Македонската опера и балет се одржа комеморација. Во присуство на најблиските пријатели, семејството, соработници, јавноста се наврати на важноста на маестро Џамбазов, кој почина на 25 јануари.
Комеморацијата беше отворена со композицијата „Рапсодија за Скопје“, за која има добиено и награда во Италија.

Бранка Костиќ
– Во доменот на творештвото Александар Џамбазов ја задолжи македонската музикa со неколку стотици компоизиции и аранжмани, речиси 1.500 студиски снимки со голем број ансамбли, а најмногу со тие што влегуваа во рамките на Македонската радиотелевизија – истакна музикологот Бранка Костиќ, која потсети на големите награди што маестро ги освои во неговата богата кариера.

Игор Џамбазов
На присутните им се обрати и неговиот син, Игор Џамбазов.
– Тој беше човек што цел живот беше во сенка на други, а всушност беше најголемиот генијалец во нашето семејство. Прво викаше: Што сум јас? Цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор, а што сум јас? Сега ќе ти кажам: Ти си маестро!





