Трпчески и Венгеров го освоија и Париз

Симон Трпчески ја заокружи својата мини-турнеја што опфати настапи со една од најголемите музички ѕвезди, легендарниот виолинист Максим Венгеров на најпрестижните светски музички сцени. По исклучителните концерти во лондонската сала „Барбикан“ и во њујоршката „Карнеги хол“, синоќа двајцата уметници ја одушевија и француската публика на концертот во салата на Париската филхармонија, изведувајќи дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел. И овој пат на долготрајните аплаузи и стоечките овации, тандемот Венгеров-Трпчески возврати со три изведби на бис.

Венгеров, кој е добитник и на наградата „Греми“, ја истакна извонредната соработка со македонскииот пијанист.

– Одамна се знаеме со Симон и сме прекрасни пријатели од почеток. Со некои луѓе веднаш се воспоставува хемија и ова е таков случај. Долго време се надевавме дека ќе работиме заедно и еве се случија минатогодишниот настап во Белгија и оваа прекрасна мини-тура концерти во Лондон, Њујорк и Париз. Ми беше позната комплетната работа на Симон и во него препознав многу сензитивен партнер. Навистина се надевам дека ќе свириме и во иднина, дека можеби ќе успееме нешто заеднички да снимиме, а и повторно би сакал да дојдам во неговата родна Македонија – рече Венгеров.

Трпчески пак возврати на честа и задоволството да ја дели сцената со еден од најдобрите виолинисти на сите времиња.

– Оваа година навистина не можеше да почне поубаво. Ова е доказ дека соништата се остваруваат: на најпрестижните сцени настапив со Максим Венгеров. Чест е да се настапи со него. Освен 40-годишната кариера, тука се и неговата едноставност и големо срце што исто се чувствува на сцена во неговата исклучителна интерпретација на музиката. Се радувам што нашата искреност и фантастичното поврзување на сцената толку убаво беа препознати и од публиката – изјави Трпчески, кого наредниот месец го очекуваат гостувања во Германија и Ерменија.

фото: КултурОп

Сподели