Комеморација во чест на Тихомир Јанчовски

Комеморација во чест на поетот, писател, преведувач и издавач Тихомир Јанчовски ќе се одржи утре во 18 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Јанчовски почина ненадејно на крајот на јануари. Имаше 58 години.

Тихомир Јанчовски (1967-2026) дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ. Беше и професор, музичар, издавач и автор на повеќе од 30 книги, главно поезија, преводи и (поетски) романи. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.

Автор е на плејада поетски книги кои се високо ценети меѓу читателите: Обични зборови (1999), Два, (2002), Последно време (2005), Осама (2010), О, ти (2011) и други. Превел дваесетина дела и приредил неколку антологии.

Од 2013 до 2016 објавувал колумни во „Утрински весник“. Издал и книга колумни „Како ми скроија капа и други записи“ (2018). Во соработка со Бранислав Николов, Јанчовски го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Во 2025 година неговиот ракопис „Камен во водата“ беше награден со признанието „Караманов 2025“.

Сподели