Никола Маџиров – гостин на 28. поетско-музичка вечер „За тебе љубов моја“ во Гевгелија

Поетско музичка вечер „За тебе љубов моја“ претставува едно од најпрепознатливите културни случувања во Гевгелија, кое годинава се одржува по 28. пат. Настанот ќе се одржи на 5 март во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија. Темата на вечерта традиционално е посветена на жената во сите нејзини улоги – жена, мајка, баба, сакана. Рецитираат песни исполнети со топлина, љубов, нежност и
почит, создавајќи атмосфера исполнета со искрени емоции. Оваа година специјален гостин е поетот Никола Маџиров, чиј настап го збогатува настанот со интернационална уметничка тежина.

Со текот на времето оваа вечер прерасна во најпознатата поетска манифестација во градот и веќе долго се смета за негов неофицијален културен бренд. Секоја година привлекува голем број посетители, љубители на поезијата и музиката кои доаѓаат да уживаат во посебната атмосфера што ја создаваат учесниците.

Она што ја прави оваа вечер уникатна е учеството на рецитатори од најразлични професии – професори, лекари, правници, економисти, инженери и многу други. Иако нивните кариери не се поврзани со уметноста, тие изненадуваат со извонредна сценска изведба, посветеност и емоција додека рецитираат. Нивната умешност покажува дека љубовта кон поезијата нема професионални граници и дека секој може да го донесе тихот до срцата на публиката.

Снимките од манифестацијата што се продукт од одржаната вечер, често ги користат наставниците по македонски јазик и литература како дидактички материјал во наставата, што сведочи за нејзината образовна и културна вредност.

Организатори на манифестацијата се професорите Даниела Џишева и Тони Аврамов, а покровител е Општина Гевгелија.

Сподели