Географија се студира затоа што таа нуди клучно разбирање за светот во кој живееме – како функционираат природните системи, како се развиваат општествата и како човекот влијае врз природата и обратно
Луѓето отсекогаш и постојано се интересирале за својата околина. Се прашуваат зошто има ноќ и ден, како настанале планините, до каде течат реките, зошто некогаш е потопло а некогаш поладно, зошто врне, дува ветер итн. На овие и многу други прашања одговори дава науката наречена географија, вели проф. д-р Благоја Маркоски, раководител на Институт за географија, при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
– Географија е наука што ја проучува површината на Земјата, нејзините природни и општествени појави, процеси и односи. Ги истражува просторната разместеност, заемните влијанија меѓу природната средина и човековото општество, како и промените што настануваат со текот на времето – вели тој.
Зошто да студирате географија?
Географија се студира затоа што таа нуди клучно разбирање за светот во кој живееме – како функционираат природните системи, како се развиваат општествата и како човекот влијае врз природата и обратно.
Географијата овозможува:
– запознавање на светот на планетата Земја со сите природни и антропогени вредности и нивни соодноси;
– да се разберат природните и општествените процеси во географскиот простор;
– развој на критичко и аналитичко размислување;
– стекнување практични и теренски вештини;
– користење на ГИС, картографија и просторна анализа;
– активно учество во решавање на еколошки и развојни прашања;
– поврзување на локални и глобални проблеми.
Каде се студира географија во Македонија?
Во Македонија географијата главно се изучува на Институтот за географија при Природно математичкиот факултет во Скопје. Има традиција од над 100 годишно географско образование, наука и искуство.
Потенцијали што ги нуди Институтот за географија на ПМФ
Потенцијалот кој го нуди Институтот за географија се состои од:
– потесно специјализиран наставен кадар од физичка, социјална, економска, регионална и помошни научни дисциплини во географијата;
– богата матична библиотека за географија, геологија и етнологија со богата картографска збирка;
– релативно комотни просторни услови од амфитеатри, училници, лаборатории;
– мултидисциплинарно образование од природни, општествени и технички науки;
студиски програми од:
– прв циклус (наставна географија, физичка географија и туризам),
– втор цуклус (географија, картографија и ГИС, просторно планирање),
– трет циклус – докторски студии од географија;
– практична и теренска настава во Македонија и во странство (набљудување, истражување и мерење на разни географски појави и процеси);
– работа со современи технологии (дигитална картографија, ГИС, сателитски снимки);
– развивање на презентациски, истражувачки и комуникациски вештини;
– можности за соработка и учество во научни и меѓународни проекти;
– подготовка за разни професии со просторна или еколошка компонента и многу други можности.
Професионален потенцијал и можности за вработување
Мултидисциплинарното образование од географија овозможува широк дијапазон на професионален потенцијал и можности за вработување во:
– Образование
– Наставник/професор по географија во основно и средно образование,
– Едукатор во научни и еколошки центри
– Државни институции и јавна администрација
– Министерства (за животна средина, транспорт, образование, економија),
– Општински и урбанистички служби,
– Агенции за просторно и урбано планирање,
– Заводи за статистика, катастар, животна средина,
– ГИС и картографија
– Аналитичар на просторни податоци
– ГИС-специјалист (примена на ГИС во урбанизам, екологија, катастар, безбедност);
– Картограф (изработка на дигитални и печатени карти),
– Анализа на сателитски снимки.
– Истражување и статистика
– Истражувач во научни институти или државни агенции
– Демографски и социоекономски анализи.
– Просторно и урбано планирање
– Стручен соработник во урбанизам и просторно уредување (работа во бироа за урбанизам и архитектура)
– Изработка на просторни планови, развојни стратегии, студии за анализа на население, инфраструктура и развој.
– Животна средина
– Експерт за заштита на природа и управување со ресурси
– Учество во еколошки мониторинг и проекти
– Меѓународни и развојни организации.
– Проектен координатор или истражувач во УНДП, УНЕСКО, ЕУ програми
– Работа на теми како климатски промени, миграции, одржлив развој.
– Туризам
– Туристички водич, планер или менаџер
– Развивач на еко и културен туризам.
– Останати дејности (примарни, секундарни, терциерни дејности).
– Студирањето географија отвора врати кон научна, стручна и општествено корисна кариера. Географите се потребни таму каде што се образува, анализира, планира и управува со просторот, ресурсите и општествените процеси – вели Маркоски.
Насловна фотографија: Теренско патување на студенти и професори од Институтот за географија





