Големи аплаузи, два биса добија како награда актерите и целата екипа на претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ на изведбата синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, во рамките на Охридско лето. Претставата е според текст на Душан Јовановиќ, а во режија на Иван Пеновиќ. Копродукцискиот проект меѓу Драмски театар Скопје, Белградски драмски театар, Градски театар Љубљана и „Град театар“ од Будва ја воодушеви публиката во преполната сала.

Актерите Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов, Марко Гверо, Вукашин Јовановиќ, Соња Стамболџиоска, Нејц Језерник, Јулита Кропец и Лазар Николиќ, секој зборувајќи на својот мајчин јазик, создадоа возбудлива и духовита енергија која допре до публиката. По текстот на култниот Душан Јовановиќ, оваа комедија со длабока општествена рефлексија прикажа свет во кој хедонизмот, суетата и еротиката се бегство од празнината што демне под површината.

Режисерот Иван Пеновиќ го врати на сцената духот на сексуалната револуција, младешкиот бунт и бесцелната потрага по среќа.
Претходно претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ имаше успешната премиера и три изведби на 39. издание на фестивалот „Град театар“ во Будва.

Фото: Охридско лето





