Колку ли само го чекаше овој ден, Филип!

Не можам да поверувам, имавме големи планови заедно и одеднаш се скрши! Млад, полн со позитивна енергија, сакаше да го менуваме светот! Буквално за два месеца ни одржа лекција за посветеност, што значи да работиш од мерак, да имаш план за секој еден вработен, да имаш време за сите да помогнеш! – вели Ангелов за музичарот Филип Стевановски, кој почина во несреќата во Кочани. Стевановски беше директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“

Пишува: Милорад Ангелов, актер во Театарот во Штип

Денес во 10:30 требаше да биде првата проба на новата претстава на Театарот во Штип. Се спремаше да одржиш говор, да ги поздравиш актерите за успешен процес во периодот што следува, да им посакаш успешна работа! Колку ли само го чекаше овој ден Филип! Колку ли мерак и труд вложи Филип за да дојде овој ден! А вечерта нели требаше да бидеме домаќини, како што ти го нарече мојот театар „Војдан Черодрински“ – Прилеп. Затоа што по фамилија имаше од тој твој прекрасен Прилеп. Од уста не го вадеше! Мики, брат ми Илија Волче, актерот, ќе дојде во вторник, замисли! И замислив Филип, многу работи замислив од тебе! Ах со колку мерак кажуваше! Просто човек да пукне од болка!

Милорад Ангелов

-А толку ја очекуваме оваа недела полна со гости! Да почне, да бидеме љубезни домаќини! Денес требаше да ги пречкаме студентите од Скопје, да ја отвориме сцената „Благој Самоников“, утре колегите од театар Прилеп, па Македонскиот нацинонален театар за кој ти беше посебно горд и колку ли само се радуваше, па она што е судбина да завршиме со НУЦК „Бели мугри“ – Кочани. Нè чекаше и почетокот на новата претстава. Пробите за твоето музичко шоу со кое сакаше да го прославиме денот на театерот. Наместо недела полна радост и гости од секаде еве нè со солзи и тага! И не може да почне овој ден, ако може да се нарече ден! Скршени сме од болка и тага и неверување чекаме да дојдеш со твојата насмевка да пиеме кафе и да почнеме со мерак, со кеф!

Така викаше… каква недела нè чека, полна гости еј.. мораме дечки да бидеме најљубезни домаќини како што само ние знаеме. И да, беше во право знаевме да бидеме вистински домаќини. А сега само празни простории, тага и неверување дека те нема. Те чекаме и сè уште веруваме дека ова е само една лоша шега дека ќе се појавиш бе сонце!

Како да продложиме сега, ајде кажи како? Како? Од каде да почнеме? Што да си кажеме, од каде сила да најдеме? Од каде сега ураган на љубов да најдеме, од каде бе Филип! Не требаше вака да излезе, за ова не се договараваме

Не можам да поверувам, имавме големи планови заедно и одеднаш се скрши! Млад, полн со позитивна енергија, сакаше да го менуваме светот! Буквално за два месеца ни одржа лекција за посветнесот што значи да работиш од мерак, да имаш план за секој еден вработен, да имаш време за сите да помогнеш! Не можам да поверувам! Сакам да знаат многу луѓе каков човек изгубивме, да ги знаат неговите планови!

Фото: Фотоалбум Фејсбук

Сподели