Денеска напладне е најавен собир во Кавадарци. Собирот на плоштадот „Македонија“ во Скопје е закажан за 18 часот. Има апели граѓаните да се движат по кејот на Вардар, за улиците да бидат слободни за возилата на брза помош
Собири на плоштадите во повеќе градови низ Македонија се закажани денеска, во знак на револт, барање правда, држава без корупција, функционални институции. Македонија е во седумдневна жалост поради трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде завчера загинаа 59 млади луѓе, а околу 150 се повредени. Некои од нив се во тешка состојба. Денеска во неколку земји во регионот е прогласен ден на жалост.
Денеска напладне е најавен собир во Кавадарци. Собирот на плоштадот „Македонија“ во Скопје е закажан за 18 часот. Има апели граѓаните да се движат по кејот на Вардар, за улиците да бидат слободни за возилата на брза помош. „Кој е следен?“ повикаа во сите градови во Македонија граѓаните да излезат во 18 часот, да се соберат на плоштадите од своите градови и да не поминуваат низ ова сами.
– Повикуваме во чест на починатите да се поделат црни ленти, за како народ да покажеме дека згаснатите животи нема да бидат заборавени. Допрва ќе доаѓаат црните денови за нас, а низ Македонија заедно ќе се тагува и плаче. Така ќе треба и Македонија заедно да се лекува. Ние, како и децата во дискотеката, сме повторно беспомошни и оставени сами на себе. Во овие траорни денови, Македонија треба да биде заедно. Треба да си бидеме рамо за плачење и треба да си дадеме еден на друг утеха, ако воопшто и можеме. Повикуваме на заедништво во ужасот. Длабоко сочувство до фамилиите и нека им почиваат душите во мир – велат од „Кој е следен“?.
Во Кочани, Штип, Скопје, Битола и во други градови низ Македонија граѓаните вчера се собираа, палеа свеќи, оставаа цвеќе и изразуваа почит кон жртвите. Во Кочани собирот премина во протест, беше демолирано кафуле, сопственост на газдата на „Пулс“. Граѓаните фрлаа јајца на општината. Градоначналникот Љупчо Папазов ниту еднаш не се појави во јавноста, вчера даде неотповиклива оставка преку социјалните мрежи. Синоќа беше на распит. Вчера во Кочани беа приведени повеќе личности.





