Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, во партнерство со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“- Охрид и Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола одржаа настан „Дигитални решенија за туризам“. Добредојде на настанот им посака проф. Устијана Речкоска Шикоска, проректорката за надворешна соработка на УИНТ – Охрид.
Во рамки на настанот се одржа панел дискусијата на тема „Дигитализација – предуслов за развој на секторот туризам“. На панел дискусијата се обратија г. Лусиен Агертер, заменик амбасадор на Швајцарија во Македонија, д-р Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот, проф. д-р. Цветко Андреески, декан на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид и доцент д-р. Александар Карадимче, декан на Факултетот за информатички и комуникациски науки при УИНТ. Сите учесници на панел дискусијата беа согласни дека сите чинители во туризмот, вклучително и државните институции, стопанските комори и здруженијата, приватните бизниси и претставниците на академијата имаат заедничка одговорност за воспоставување на подобро развиен и одржлив туристички сектор.

Потоа следуваше презентација на дигитални решенија развиени од стартап, микро и мали ИКТ компании, кои се наменети за дигитализација на работењето на компаниите од секторот туризам. Решенијата вклучуваа дигитални производи и услуги во сегментот на е-резервации, е-плаќања, е-продавници, дигитално мени, дигитална рецепција, веб страници, дигитален маркетинг и промоција, управување со човечки ресурси, финансии и слично.
Сите учесници на настанот беа активно вклучени во дискусија со присутните гости од секторот туризам насловена – „Предизвици на патот на дигитализација за секторот туризам“. Секако настанот беше многу успешен овозможи интеракција и простор за вмрежување и Б2Б средби.





