Младата балерина Афродита Силјаноска на светски натпревар во Шпанија

Успеав да се квалификувам за учество на Светскиот балетски танцов куп во Сан Себастијан. Беше макотрпна работа, долго време се подготвував, вели 16-годишната Афродита

Талентираната балерина Афродита Силјаноска (16) деновиве ги чека резултатите од нејзиниот настап на Светскиот балетски танцов куп што се одржува во Сан Себастијан, Шпанија. Таа беше еднинствена натпреварувачка од Македонија. На светското првенство се претстави со три кореографии: лирикал соло, нео класика и класичен балет.

Афродита со семејството моментално живее во Загреб каде што завршила 1. година средно балетно школо. Истовремено посетува приватна балетна школа – „Арт балет“ во сопственост на Тамара Ѓурчиновска.

Афродита Силјаноска

– Во нивна организација бевме на квалификации за светско првенство во Пожега, Хрватска и успеав да се квалификувам за учество на Светскиот балетски танцов куп во Сан Себастијан. Тоа беше макотрпна работа, долго време се подготвував. Заради моето школување во Загреб бев принудена вежбите да ги одржувам онлајн со мојата наставничка Бојана Богичевиќ. Навистина беше голем предизвик таквата настава на далечина. Во тешки услови, во мал простор успеав да ги усовршам кореографиите за да можам достојно да се претставам себеси и сите што стојат зад мене и ме поддржуваат – вели младата балерина.

Љубовта на Афродита кон балетот е откако таа знае за себе. Во 3. одделение почнала да се школува во „Арт балет“ со наставничка Ивана Дамјановска. Со нејзина помош и препорака се запишала во „Илија Николовски-Луј“ во Скопје каде го завршила основното балетско школување. Истовремено продолжила да посетува часови во „Арт балет“. Афродита вели дека сака да експериментира со различни танци, но најголема љубов ѝ е класичниот балет. Иако е прекрасна уметност, таа се согласува дека балетот не е воопшто едноставна професија, бара големи жртви, големи откажувања и многу работа.

– Најтешко од сè е координација со времето и останатите обврски со школото и општообразовните предмети, како и со социјалниот приватен живот. Но, сето тоа се занемарува со секој настап и секоја една минута помината на сцена каде што најмногу уживам – вели Афродита.

Нејзината мајка, Александра Силјаноска, објаснува дека Афродита отсекогаш знаела што сака. Уште како дете покажувала желби за на сцена, учетсвувала на детски фестивала.
– Од тие настапи сфатив дека најмногу ужива во танцот. Спонтано ѝ се појави желбата за танц, посебно за балет – објаснува Силјаноска.

На прашањето што било најкомплицирано за нив како родители да му обезбедите на своето талентирано дете, Силјаноска вели дека најголем препрека е координацијата на времето.
– Бидејќи живееме во еден динамичен свет каде што секоја минута е важна. Тука нема да ја исклучам и финансиската страна која бара навистина голем влог за школување, додатни часови и слично. Но, гледајќи го жарот во нејзините очи, навистина ние бевме решени да вложиме максимални напори за најзината иднина – објаснува Силјаноска.

На натпреварот во тие очекуваме едно големо искуство и нови контакти. Афродита не се пласирала во супер-финалето, но тоа не значи дека нема да оствари добар пласман.
– Се разбира како родители, потајно се надеваме и на некој поголем успех. Сепак не треба да се занемари големата конкуренција и фактот дека сите учесници од целиот свет поминале квалификации. Најважно ни е целокупното доживување на Афродита и достојно претставување на Македонија на светскиот танцов куп – вели Силјановска.

Школувањето на Афродата засега е во Загреб. Сè уште немаат одлучено во кој правец ќе продолжи нејзиното образование.
– Со оглед на тоа што во уметноста нема многу правила и опциите за школување бараат максимална флексибилност, навистина е тешко да се одлучи од сега. Наша желба е да ја видиме Афродита на голема сцена. Тој чекор го направивме во јануари оваа година со нашето преселување во Загреб – вели Силјановска.

Слична визија има и младата и талентирана Афродита.
– Сепак на крај се гледам на голема и почитувана сцена. Имам големи планови и големи желби, но сепак знам дека патот до таму бара голема одговорност, напор и непоколебливост – завршува Афродита.

Сподели