Кои права ги задржува студентот ако се вработи додека студира?

Универзитетско студентско собрание на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го подготви документот за да ја разјасни законската рамка и практичните аспекти за студентите кои се вработуваат додека студираат, вклучувајќи ги нивните права на студентски оброк, превоз, домување и стипендија

Дали студентите можат да бидат вработени без да загубат статус и студентски поволности, дали ги губи студентските права, дали ги губи правата за студентски оброк, превоз, домување и стипендија? Ова се дел од прашањата на кои дава одговори Универзитетско студентско собрание на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Документот го подготви за да ја разјасни законската рамка и практичните аспекти за студентите кои се вработуваат додека студираат, вклучувајќи ги нивните права на студентски оброк, превоз, домување и стипендија. Ова се неколку аспекти што ги објаснува УСС.

Дали го губите статусот на редовен студент, ако се вработите додека студирате?

Не, иако многумина мислат доколку студентот се вработи со полно или со скратено работно време, по автоматизам го губи статусот на редовен студент и ги губат правата на стипендија, оброк, превоз и домување.

– Ниту во Законот за работни односи, ниту во Законот за високо образование не постои член, ниту став со кој е утврдено дека доколку студент се вработи, го губи статусот на редовен студент и преминува во вонреден, а со тоа и премин од плаќање на партиципација (државна квота која изнесува околу 200 евра) кон плаќање на школарина (приватна квота која изнесува околу 400 евра) – објаснуваат од УСС.

Тие го цитираат Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус студии (додипломски студии) и втор циклус студии (постдипломски студии) на УКИМ (Универзитетски гласник бр. 417/2019), во членот 16 е утврден статусот на студент, дали е редовен и вонреден.

– Во истиот член е дадено право на студентот да се запише како вонреден доколку ги исполнува критериумите во ставот 3. Во членовите 17, 18 и 19 се утврдени случаи во кои студентот може да премине од редовен во вонреден и обратно, но во ниту еден од овие 4 члена не се утврдени ставови во кои студентот доколку се вработи го губи статусот – велат од УСС.

Премин на студентот од квота со партиципација во квота со школарина

Според член 23, студент запишан во квота со партиципација го губи статусот на студент запишан во квота со партиципација и ги продолжува студиите во квота со школарина ако:

  • еден предмет запишува по трет пат;
  • не освоил најмалку 50 отсто од запишаните кредити во одреден семестар до почетокот на наредниот соодветен семестар (зимски, односно летен).

Членот 33 ја утврдува редовноста на студентите на настава. Ако е предвидено со студиската, односно предметната програма, редовните студенти се должни да ги посетуваат, односно да ги извршуваат сите облици на настава утврдени со предметната програма и за тоа може да се добијат соодветен број поени.

– Евиденцијата за присуство и за активност на час се изразува во поени, како што е предвидено со предметната програма. На студент кој оправдано изостанал од кој било дел од наставата, на негово барање може да му се овозможи изостанатиот дел да го надомести. Во ниту еден член не е утврдено дека со вработување студентот го губи статусот на редовен студент и преминува во квота со школарина. Студентот, сепак, може да го загуби правото на редовен студент доколку не присуствува редовно на наставата односно работи за време на предавањата, преку губење на можноста да полага предмети, а тоа доведува до ставовите од член 23. Но, во овој случај статусот на редовен студент не се губи поради тоа што студентот се вработил, туку поради тоа што не посетувал редовно настава. На пример студентите кои работат по предавањата со цело или пак скратено работно време, а во меѓувреме и посетуваат предавања, не го губат статусот на редовен студент – објаснуваат од УСС.

Дали ги губите правата за студентски оброк, превоз, домување и стипендија?

Од УС велат дека со најновите измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, студентите доколку се вработени, не го губат правото за користење на оваа мерка. Но, корисници на субвенциониран студентски оброк се редовни студенти запишани на прв или втор циклуси на студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во Македонија кои немаат месечен приход поголем од минималната нето-плата во земјава во тековната година.

– Студентите во моментов се ограничени со висината на платата, но не со вработувањето. Студентите можат да ја користат оваа мерка работејќи со скратено работно време, вршејќи кратки работни ангажмани, практична работа и работа со полно работно време со примања не поголеми од минималната плата – велат од УСС.

Студентите што користат бесплатен градски превоз во Скопје, не се ограничени ако се вработени. Во однос на студентското домување, според Конкурсот за прием на студенти во државните и приватните студентски домови за студиската 2024/2025 година, вработувањето на студентот не претставува дисквалификациски фактор за добивање сместување.

– Вработеноста на студентот може да влијае на рангирањето само доколку неговите лични приходи значително го зголемуваат вкупниот семеен приход, што може да го намали бројот на поени во категоријата на материјална положба. Сепак, самото вработување не е причина за дисквалификација – објаснуваат од УСС.

Според Конкурсот за доделување стипендии, вработеноста на студентот не претставува дисквалификациски фактор за добивање стипендија. Вработеноста на студентот може да влијае на процената на материјалната положба, особено ако неговите приходи значително го зголемуваат вкупниот семеен приход.

– Вработувањето за време на студиите не претставува автоматска пречка за задржување на статусот на редовен студент, ниту пак води до губење на правото на студентски оброк, стипендија, превоз или сместување во студентски дом. Сè додека студентот ги исполнува основните академски обврски, неговиот работен ангажман може да биде усогласен со студентскиот статус и обврските што произлегуваат од него. Дури и при вработување со полно работно време, не постои формална обврска за премин во вонреден статус, освен во случаи кога работата значително го отежнува или оневозможува исполнувањето на академските обврски – велат од УСС.

Според нив, важно е студентите, факултетите, институциите и работодавците да бидат информирани на оваа тема, зашто обезбедува флексибилност и сигурност за студентите да стекнат работно искуство без загрозување на нивните академски права.

Насловна фотографија: Архива

Сподели