Државниот рецитаторски натпревар на ученици од основното и средното образование од целата земја утре во 9.30 часот во киното „Синеплекс“ ќе го означи почетокот на второто издание на Деновите на поезијата, во организација на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје сити мол. Државниот рецитаторски натпревар го организира Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература. Минатата година, кога за првпат се одви во рамките на Деновите на поезијата, натпреварот постигна рекорд со учество на повеќе од 120 учесници од целата земја. Како и во првото издание минатата година, Деновите на поезијата и овојпат ќе ги поврзат во една нишка сите генерации поети, од основоположниците, преку афирмираните современи поети, до оние кои допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.
Свеченото отворање на Деновите на поезијата ќе се одржи в понеделник на 19 мај, со почеток во 18 часот, во главниот влез на Скопје сити мол. Ќе им биде посветено на значајни јубилеи во историјата на македонската поезија: Димитар Миладинов (215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани и Саме Лимани Жарноски (90 години) и Игор Исаковски (55 години), како и Георги Сталев кој пред еден месец го прослави својот 95. роденден. Посебно место ќе заземе и јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и озваничувањето на македонската азбука.
За јубилеите ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, а вовед во програмата на Деновите ќе даде Владимир Мартиновски, претседател на Македонскиот ПЕН Центар и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Свеченоста ќе ја води Никола Ристановски, со придружба на студенти од Факултетот за драмски уметности и од Факултетот за музичка уметност при УКИМ од класата на Ангелчо Илиевски, и Факултетот за музичка уметност, од класата на Драган Даутовски: Давид Димоски, Никола Ѓоргиев, Анастасија Трајковска и Антонио Трајкоски.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, чиј поетски збор ќе оживее преку нивните најблиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална придружба на Сашо Гигов-Гиш.
По одбележувањето на јубилеите, Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов, ќе изведат и ексклузивен поетски перформанс под наслов „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки“.
На 20 и 21 мај, на Поетската сцена и во книжарницата Литература.мк во Скопје Сити Мол, ќе се разговара за македонско-грчките литературни врски (Сотирис Минас и Иван Антоновски), за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги покренува во добата на современите технологии (Ласко Џуровски и Јулијана Величковска) и за меѓугенерацискиот диалог во кругот на македонските поети (Зоран Анчевски, Павлина Атанасова, Славе Ѓорго Димоски, Владимир Мартиновски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Санде Стојчевски и Иван Џепаровски). Во рамките на Деновите ќе настапат и поети дебитанти, избрани на повикот за учество на „Скопје СИ ТИ“, во организација на Јулијана Величковска и Андреј Медиќ Лазаревски (Јована Алексовска, Селин Есад, Христијан Илиевски, Максим Костадинов, Нино Наумовски, Милена Неделковска, Клаудио Серафиноски, Фотиј Сионис, Симона Срезовска, Бисера Стефановска, Методија Тасевски и Дарија Трендафиловска).
Новитет годинава се и настапите на ученици и гимназијалци со сопствени креации поврзани со јубилеите, како и изложба наменета за најмладите: прекрасни паноа со сите букви од „Бушавата азбука“ на Горан Стефановски и Душан Петричиќ. Ќе бидат организирани и работилници за деца на истата тема.
Со најмладите учесници на оваа поетска сцена ќе настапат и Викторија Кочевска, Саранда Мехмеди, Весна Мојсова-Чепишевска, Снежана Станкова, Емилија Ристановска и Билјана Црвенковска.
За ова второ издание на Деновите на поезијата, кон фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје сити мол се приклучија голем број партнери од наставно-научниот сектор, како Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонска литература, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, гимназијата „Никола Карев“ и основните училишта „Владо Тасевски“ и „Петар Поп Арсов“ од Карпош – Скопје; од културниот сектор, како Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература и „Култура Бета“, од издавачкиот сектор, како „ПНВ Публикации“, „Чудна Шума“ и „Литература.мк“; и приватниот сектор, како киното „Синеплекс“ во Скопје сити мол.





