Кога на возрасните им е тешко, на децата и младите им е уште потешко, важно е да се чувствуваат поддржани и слушнати

Активности како хобија, музика, уметност, прошетки во природа се добри начини за оттргнување на мислите, како и поминување време со блиски луѓе. Важно е младите да си постават граница од социјалните мрежи во интерес на нивното ментално здравје, особено од вознемирувачки содржини – советува психологот Ана Попризова.

Училиштата се тивки деновиве, без препознатливиот џагор на учениците. Шокот е голем и ќе треба време оваа колективна траума да ја пребродиме. Децата и младите се личности во развој и нивните снаги и капацитети за справување со стрес се послаби. Кога на возрасните им е тешко, на децата и младите им е уште потешко, вели Ана Попризова, училиштен психолог во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Големата несреќа што се случи во Кочани отвори многу прашања во општеството, а грижата за младите и за нивното ментално здравје сега е поважна од се’. Како возрасните да им помогнеме поедноставно да се справат со оваа трагедија, која колективно влијае врз сите нас.

Големата трагедија е шок за сите, и наставници, и стручен кадар и учениците. Како младите да ги пребродат овој период, оваа траума?

– Училиштата се тивки деновиве, без препознатливиот џагор на учениците. Шокот е голем и ќе треба време оваа колективна траума да ја пребродиме. Децата и младите се личности во развој и нивните снаги и капацитети за справување со стрес се послаби. Кога на возрасните им е тешко, на децата и младите им е уште потешко. Некои за прв пат се соочуваат со смртта, а уште пострашно што таа смрт е на ужасен начин доживеана.

Тешко им е и на наставниците кои собираат сила и самите да влезат во училниците, борејќи се и со сопствените емоции и обидувајќи се да бидат смирени и стабилни пред учениците. Повеќето разговараат со учениците и даваат поддршка. Колективната траума во едно општество тешко се надминува, треба време и работа на ова поле.

Опоравувањето многу зависи од личните капацитети на единката. Овој трагичен настан ќе направи ретрауматизација кај некои млади кои веќе доживеале трауми во минатото.

Што можат младите да направат за да им биде полесно во овој период? 

– Најзначајно според мене е да препознаат кои се нивните актуелни чувства и потреби кои им се појавуваат по страшните вести и да се погрижат за себе. Препознавањето на сопствените емоции, нивното артикулирање и изразување во безбедна средина е првиот чекор. Можат да чувствуваат тага, страв, лутина… Сите овие чувства се природни да се појават и треба да се прифатат. Понекогаш е полесно да се изразат на креативен начин или преку физичка активност и престој во природа.

Комуникација и споделување на чувствата со блиски луѓе (родители, наставници, соученици, пријатели) е чекор во насока на барање поддршка. Ова е начин да се поврзат со другите и да воочат дека не се сами во овие тешки моменти, дека нивните чувства се споделени, разбрани и испочитувани.

Доколку сметаат дека им треба дополнителна поддршка, пожелно е да се обратат на стручно лице. Тоа можат да бидат членовите на стручните служби во училиштата, а секако деновиве е достапна психолошка помош од психолози и психијатри која се објавува на социјалните мрежи од поголем број институции.

Дали можеби треба деновиве додека се на училиште повеќе да добијат простор и тие да зборуваат, да се искажат, а помалку да биде фокусот на наставата?

– Училиштата веќе добија насоки од МОН за организација на работата во овие услови. Создавањето безбедна и поддржувачка средина ќе помогне за полесното надминување на состојбата. Одложени се тестовите и проверките на знaење и воведени се активности кои можат да им помогнат на учениците за полесно справување со состојбата.

Важно е учениците да се чувствуваат поддржани и слушнати и да добијат соодветни ресурси и алатки за справување со своите емоции. Воведување креативни активности, како што се уметност, пишување, музика и театар, физичка активност, работилници и сл. можат да помогнат во изразувањето на емоциите и обработката на траумата. Исто така се поттикнува разговор со соучениците и наставниците кој би бил поддржувачки и во насока на поголемо меѓусебно вмрежување и солидарност.

Многу е значајно да се поддржат и охрабрат учениците за деjствување во рамките на училиштето и заедницата организирајќи активности од хуманитарен или солидарен карактер, бидејќи на овој начин се учи преземање одговорност и проактивно делување за промени во заедницата, (хуманитарни акции, соработка со Црвен крст, оддавање почит на жртвите и сл.)

Дали е од помош и помалку да поминуваат време на нивните телефони, да не читаат само за настанот, да имаат некакво оттргнување на мислите и сл.?

– За жал и во овој случај потребата за сензационализам од страна на медиумите доминира. Сите медиуми се преплавени со содржини кои не се соодветни на состојбата. Во домовите главна тема се содржини од трагедијата и многу малку се внимава на  младите. Активности како хобија, музика, уметност, прошетки во природа се добри начини за оттргнување на мислите, како и поминување време со блиски луѓе. Важно е младите да си постават граница од социјалните мрежи во интерес на нивното ментално здравје, особено од вознемирувачки содржини.

Колку може да се создадат стравови кај младите при вакви колективни трауми?

– Колективните трауматски настани кај сите членови во заедницата го поттикнуваат чувството на небезбедност и страв, ги отвораат прашањата за животот и смртта, како и прашањето како да се продолжи да се живее со доживеаното трауматско искуство. Младите кои се во фаза на формирање на својот идентитет се особено ранливи. Некои од нив ќе чувствуваат страв за идни слични искуства, но задача на заедницата е да креира простори и можности за активности и делување со што ќе поттикне проактивност. Во училиштата тоа можат да бидат акции и иницијативи предложени од младите.

Насловна фотографија: Ohrid 1 News

Сподели