Кога керамиката е повредна од злато. Што значи најстариот сочуван натпис што го пронајдоа археолозите во Младо Нагоричане?

Поради разорното уништување на објектот во минатото тие не успеале да ги најдат останатите делови од садот, објаснува археологот Дејан Ѓорѓиевски, раководител на ископувањата.

Кога керамиката е повредна од златото – реченица која археолозите често им ја кажуваат на луѓето кои немаат големи познавања од оваа професија. А керамиката е повредна од златото кога на неа луѓето што живееле пред илјадници години напишале нешто. Археолозите од Кумановскиот музеј неодамна соопштија дека на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане го открија најстариот автохтон натпис на териториите северно од македонското кралство. Поради разорното уништување на објектот во минатото тие не успеале да ги најдат останатите делови од садот, објаснува археологот Дејан Ѓорѓиевски, раководител на ископувањата. Со него разговараме за археолошките истражувања, за новите сознанија во резиденцијалниот објект, за околностите во кои растела и се развивала оваа населба.

Дејан Ѓорѓиевски, археолог

Археолошкиот локалитет Градиште во Младо Нагоричане и годинава даде многу интересни резултати. Еден од нив е натписот на дното на парче керамика. Имате ли доволно материјал за да реконструирате за каков тип сад се работи, што пишува на него и какво е неговото значење?

– Фрагментот од сад (неговото дно) е најден во контекст кога градбата била уништена. Датиран е на почетокот на втората четвртина до крајот на третата четвртина од 3 век пред новата ера. Разорното уништување на објектот не овозможи да ги најдеме и другите делови од садот, па за сега само можеме да кажеме дека се работи за груба, кујнска керамика од сад со средна големина кој имал благо конкавно дно (грне, чаша, ојнохое и сл.). Натписот е врежан кога глината била мокра, пред печењето. Она што е јасно е првиот дел од натписот (Ψωλή), што е вулгарен израз за фалус, додека останатиот дел сè уште треба да се дочисти и преведе. Засега јасно се видливи првите две букви (κύ …). Значењето на овој натпис е огромно, затоа што јасно покажува дека се користело писмо најдоцна до 3 век пр. н.е. За појаснување, досега имаме најдено натписи на садови, но тие се најчесто метрики за големи складишни садови, монограми или печати кои се увезени од југот. Ова е прв натпис кој нешто значи, а е напишан од некој кој бил тука или во непосредна близина.

Рековте дека станува збор за локално производство. Објаснете ни за грнчарството како стопанска дејност во овој град, кој покажува дека тука во 4 и 3 век пред новата ера имало урбано живеење како во Пела.

– Знаеме дека е локално производство, затоа што се работи за сад за секојдневна употреба кој е правен од непрочистена глина, без фирнајз или сликана декорација, што е типично за локалното производство. Има и пофини примероци на локалната грнчарија, пред сè сиво печена, некогаш и со премаз, а има и боени садови, најчесто со мотив на палмети, кои се разликуваат од фините изработки од Античка Македонија. Но, овој наод е дел од најмногу застапените садови на сите околни локалитети кои заеднички се нарекуваат локална груба кујнска керамика. Во оваа фаза на истраженост (или подобро неистраженост) на локалитетот, не можеме да зборуваме за никакви стопански дејности, освен за ткаење, кое е евидентирано на неколку места во градбата.

Инаку, кога правиме компарација со урбаното живеење во Пела, мораме да кажеме дека тоа се однесува само на оваа градба од локалитетот. Тука имаме систем за носење вода, просторија со малтерен под, врата со бронзени аплики, боени ѕидови украсени со штукатура која имитира камен и мермер, како и двориште со портик, кои се карактеристики на античко-македонските благороднички куќи, не само во Пела, туку и Петрес кај Флорина, Амфиполис и сл. За останатиот дел од локалитетот, скоро и да не знаеме ништо.

Според натписот, какво писмо користело населението? Може ли да веќе да се претпостави на кој јазик зборувале?

– Натписот е со грчко писмо, што е нормално затоа што грчките букви се единствените кои се користеле во овој дел од светот во посочениот период. Зборот е грчки и се среќава во комедиите на Аристофан, а во корпусот на натписи од овој тип го среќаваме уште на 6 други примероци. За жал, воопшто не располагаме со научни сознанија за да зборуваме за локалниот јазик кој бил за секојдневна употреба тука, особено ако знаеме дека во овој период, регионот бил фронт на дарданските, пајонските, македонските, келтските и тракиските племиња. Изразот „автохтон натпис“ го користиме за да кажеме дека натписот е направен на оваа територија, а не и дека тоа е јазикот на кој се зборувало во регионот. Тука има уште една карактеристика која вреди да се спомне, и е од римскиот период. Единствените два епиграфски споменици во овој дел од државата, напишани со грчко писмо (сите други се со латинско), потекнуваат од непосредната околина на локалитетот (Петрково и Ќурчиска Карпа), и веројатно зборуваат за претходната традиција во користењето на писмото.

Откривте и дека резиденцијалниот објект лежи на постара градба. Овој град веќе го поврзувате со Кнежје (Билазора), Гортинија (кај Гевгелија). Што велат историските извори, кој град би можел да се наоѓа на овој дел пред околу 2300 години, на териториите северно од македонското кралство?

– Да, поточно, ѕидовите на дворот со портик лежат на постари ѕидови. Постари ѕидови пронајдовме и на уште неколку локации и најчесто тоа се помасивни и постабилни ѕидови, често ѕидани со правилни камени квадари. Но, немаме никаков околен материјал за да ги датираме попрецизно, слојот најчесто е уништен од финалните градежни интервенции. Засега знаеме дека се градени во некој период помеѓу 6 крајот на 4 век пр. н.е.

Нашата населба покажува блиски карактеристики со Кале – Кршевица (Србија), кој продолжил да живее и откако нашата била уништена, како и со Кнежје, за кој се тврди дека е Билазора, а кој дефинитивно бил регионален центар, кој се чини дека исчезнал истовремено со Нагоричино. Споредбите со Гортинија, кој е македонски град и е поразличен од претходниве, се однесуваат засега единствено за т.н. стоа, односно за боените ѕидови и просторијата со малтерен под. Историските извори се малобројни, двосмислени и непотполни за овој регион, па дозволуваат разни интерпретации во поглед на идентификување на населбите со споменатите градови. Затоа и сум песимист дека некогаш ќе го дознаеме името на ова утврдување.

Кога бил врвот на цивилизацискиот развој на градот, кога почнало замирањето?

– Од досегашните сознанија, периодот од крајот на 4 век е врвот од развојот на населбата. Тоа е период по големите освојувања на Александар Македонски, кога огромни богатства се носат во Македонија и кога е очигледен подемот на благородничката класа во општеството. Веруваме и дека нешто слично се случило тука, односно дека фазата со боени ѕидови на објектот е токму од тој период или една деценија потоа.

Но, сето тоа било краткотрајно. Келтскиот пробив во 280 г. пр. н.е., дарданско – македонските војни и замирањето на пајонското кралство укажуваат дека сето тоа траело мошне кратко, само неколку децении.

Догодина планирате откривање на уште неколку градби забележани преку LIDAR снимките и преку GPR геофизички снимања. Што покажаа овие анализи? Што се крие под земјата во Младо Нагоричане?

– Да, и двете снимања покажуваат големи ѕидови од јужната страна на секторот Долна тераса. Ние имаме работено на неговата северна страна, каде констатиравме простор за ритуални активности, но немаше градби. Ѕидовите може да се само потпорни или пак само да го оградуваат светиот простор од профаниот. А можеби се и од поголеми градби …

Ископувањата на локалитетот се во мали кампањи од 2014 година наваму. Колкави се шансите за големи археолошки ископувања, како во капиталните проекти пред 15-тина години?

– Ископувањата започнаа како капитални, под раководство на проф. Марјан Јованов, а иницијатор беше тогашниот директор на Управата за заштита на културното наследство, проф. Виктор Лилчиќ. Во првата година всушност беа постигнати најголемите резултати, а подоцна се соочувавме со сè помали финансии. Најпосле, „паднавме“ на 2500 евра во 2023 и 2024 година и тоа беше своевидно дно, но веројатно и скриена порака за вреднувањето на археолошката наука од луѓето кои тогаш ги определуваа финансиите. Односно, програмата страдаше за сметка на платите според колективниот договор. Оваа година имаме двојно повеќе – 5000 евра што треба да изгледа многу, но воопшто не е така.

Ние работевме со поголеми или исти средства до 2021 година, кога работниците ги исплаќавме со 30-50 отсто помали хонорари. А сега, скоро се дуплирани сите трошоци за ископување. Ние, во интерес на ископувањето, пред неколку години, доброволно се откажавме од теренските дневници за целиот музејски персонал, но секоја година расте хонорарот за работниците, кои сè потешко ги наоѓаме. Според моето искуство, секое систематско истражување треба да има буџет од најмалку 10.000 евра за да се прикажат резултати. А претходно да му претходат геофизички и LIDAR истражувања, кои се исто така многу скапи. Какви се шансите за такво нешто – не знам.

Сподели