На 7 години се вљубил во картингот. И не е ни чудно, а и веројатно крвта не е вода, осмоодделенецот Стефан Стефановски веќе е шампион на Македонија и на Бугарија. Син на Дејан Стефановски-Џани, шампион на Македонија во брдските натпревари, внук на славниот Иџе Стефановски, Стефан пред неколку дена се врати од Бахреин, каде учествуваше на светското првенство.
Бахреин следеше откако Стефан стана шампион на Национални картинг серии во Бугарија и со тоа го освои престижниот тикет за учество на Светското ротакс финале во Бахреин, каде учествуваа 400 шампиони од цел свет.

– Бахреин беше одлично искуство, на едно повисоко, светско ниво. Едноставно не може да се опише со зборови, тоа треба да се доживее. Стефан е задоволен, среќен, возеше рамо до рамо со претставниците од сите држави. Учествуваа 380 возачи, од целиот свет. Имавме добри времиња, се бореше храбро – вели неговата мајка, Пепи Стефановска.
Стефан ја вежбаше патеката со помош на симулатор. Тој е ученик во осмо одделение во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во скопската населба Кисела Вода. Најголема брзина со која досега возел е 125 километри на час.
Уште кога почнал да вози, Стефан бил вицешампион, па шампион, а потоа продолжил да тренира и во Бугарија, каде годинава стана шампион.
– Бидејќи постојано уште од мал сум на патеките со мојот татко, некако очекувано беше да се роди таа љубов кон брзината. Гледајќи го чичко ми едноставно ми беше дополнителен мотив да започнам професионално да се занимавам со картинг – вели Стефан.

Признава дека пред натпревар има трема, но, кога ќе го запали моторот, влегува во друга димензија и тремата прераснува во адреналин.
На прашањето што го возбудува најмногу во овој спорт, тој вели:
-Борбата за победа, брзината, моментот кога успевам да направам најдобро време, кога успевам да ги стигнам конкурентите и да ги поминам.
Стефан има освоено 40 пехари досега. Последниот го освои во октомври на Балканскиот куп во Бугарија, каде што освоил првото место.
На нашето прашање дали ги инспирира и своите другари да почнат да возат, тој вели:
– Секако дека имам другари кои би сакале да возат, но за жал, во Македонија нема иднина овој спорт, а за во друга држава потребни се многу парични средства, па затоа останува само на желба.





