Кога го работам тоа што навистина го сакам, се случуваат прекрасни работи, како изложбата во Нирнберг

Интересно беше и тоа што дојдоа луѓе кои ги запознав во Нирнберг претходните денови. Откако се вратив во Скопје, ми пишуваа луѓе кои дополнително ја посетиле изложбата за тоа дека им оставила одличен впечаток – вели фотографката Маја Аргакијева

Предизвик е да се претставите себеси пред публика која не ве познава и не ја познава вашата работа од порано. И годи кога ќе добиете убава повратна реакција од другата страна, вели фотографката Маја Аргакијева. По речиси два месеца откако во Нирнберг беше отворена нејзината изложба на фотопортрети со музичари што настапиле во Филхармонијата во последните неколку години, импресиите не стивнуваат од ова неповторливо искуство. Годинава се навршуваат 40 години од збратимувањето на Град Скопје и Нирнберг.

Изложбата во овој германски град се случила сосема неочекувано и непланирано за неа. Отворањето беше на 6 мај, а беше достапна за публиката до крајот на мај.

– Ми значи и ѝ се радувам многу, затоа што ми е уште еден доказ за тоа дека кога го работам тоа што навистина го сакам, од срце, се случуваат прекрасни, магични работи, често без да имам каков било план. Два месецa пред изложбата (некаде март 2022), добив повик од претседателот на Фото клуб „Елема“, Вацлав Лукиќ Вац, кој ме извести дека Скопје и Нирнберг се збратимени градови и дека оваа година слават 40 години соработка и дека по тој повод ќе се организира изложба во Нирнберг на некој наш уметник. Ме праша дали би сакала да ме предложи и мене и, се разбира, се согласив. Потоа добив повик од Град Скопје, и ми кажаа дека се предложени неколку автори и дека ќе одлучат од кабинетот. Утредента ме известија дека ме одбрале мене. Бев прилично изненадена и среќна, се разбира – вели Аргакијева.

МАЈА АРГАКИЈЕВА: НАЈГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК МИ Е ДА ГО ДОЛОВАМ МИГОТ НА ЕКСТАЗА КАЈ МУЗИЧАРИТЕ

На изложбата што беше отворена во Интернационалната куќа во Нирнберг, таа се претстави со 30 фотографии, претежно со портрети од концертите на македонската Филхармонија. Аргакијева во последните пет години работи како официјален фотограф на филхармонискиот оркестар и во ноември 2021 веќе имаше изложба во фоајето на Филхармонијата, со дел од овие фотографии.

Изложбата ја посетиле многу Македонци што живеат во Нирнберг и околината, а некои од нив веќе ја познавале работата на Аргакијева.

– Интересно беше и тоа што дојдоа луѓе кои ги запознав во Нирнберг претходните денови. Откако се вратив во Скопје, ми пишуваа луѓе кои дополнително ја посетиле изложбата за тоа дека им оставила одличен впечаток. Пред некој ден добив порака за тоа дека има заинтересирани кои би сакале да купат фотографии. Навистина се радувам за сето ова – вели таа.

Исто така овој втор по големина град во германската држава Баварија бил инспиративен за Аргакијева, па нејзиниот фотобјектив улови убавини од Нирнберг. Меѓу многуте убавини, како што е и куќата на Албрехт Дирер, Маја нема никогаш  да ја заборави т.н Сина ноќ (Blaue Nacht).

– Во Нирнберг престојував цела седмица, па така, и покрај обврските околу изложбата, имав доволно време да го прошетам и да се запознаам со градот. Постојано пешачев, фотографирав и се воодушевував на импресивната архитектура, големиот број музеи и севкупната убавина на овој град. Се разбира дека направив огромен број на фотографии. Нирнберг е прекрасен, бајковит град, кој се наоѓа во центарот на областа Франконија. Градот потекнува од 1050 година. Во 15 и 16 век овој град бил центар на науката, културата и уметностите. Нирнберг е родното место на најпознатиот германски ренесансен сликар Албрехт Дирер, а куќата во која тој живеел, сега е претворена во музеј – вели таа.
Токму за време на нејзиниот престој во Нирнберг се одржуваше настанот „Сина ноќ“ (Blaue Nacht), што ја измотивира да направи прекрасни фотографии.
– Тоа е настан кој започнал во 2000 година и се одржува секоја пролет. Оваа ноќ се отворени сите музеи, тврдините на Стариот град се украсени со импресивни светлечки инсталации, има иновативни перформанси и музика во секој дел од градот. Прекрасно беше да се биде дел од овој спектакл – споделува Аргакијева.
Немирниот дух на Аргакијева не стивнува. Пред неколку дена таа се врати од фотоколонија во Павликени, Бугарија. Со оглед на тоа дека претходниот период фотографирала речиси секојдневно, фотоколонијата ѝ била добредојдена за малку релаксација.

– Имам уште неколку настани за фотографирање деновиве и после планирам да им се посветам целосно на децата, да се одморам и да го уживам летово. Секако дека ќе фотографирам, но без никакви обврски. А, од септември, здравје, со нови сили, нова енергија, нови убави концерти, настани, изложби и сè што ќе си дојде – вели Аргакијева.

Сподели