Во „Лабораториум“ во Скопје денеска во 17.30 часот ќе се одржи промоција на сликовницата „Куќичката на 7-те наџуџуња“ од Ана Голејшка-Џикова, авторка на текстот, со илустрации од Иванка Ниба. Ова е ново издание од едицијата „Светулка“ наречена „Буба Мара“ и е наменета за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. Промотор на сликовницата е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Во „Куќичката на 7-те наџуџуња“ вратата од фантазијата и љубопитноста е широко отворена за едно дете да додава, истражува, потенцира и во исто време ужива во оваа современа бајка, која всушност е затскриено секојдневие на малите наџуџовци-децата. Поистоветувајќи се со некои од ликовите во оваа приказна, децата учат и за разновидноста на индивидуите.
„Со приказни светот е совршен“, вели рецензентката Билјана Стојановска.
– Седум дена во неделата, седум светски чуда, седум архангели, седум јариња, седум џуџиња, седум наџуџиња. Ана Голејшка-Џикова божествениот концепт на создавањето, преку симболиката на бројот седум, вешто го искористува креирајќи мал раскажувачки микрокосмос со својата книга „Куќичката на 7-те наџуџиња“. Широкото повторување на бројот седум во глобалните наративи ја нагласува неговата универзална симболика на совршенство, духовност и хармоничен поредок на космосот. Во најголемите светски цивилизации, бројот седум бил симбол на вечниот живот, комплетен циклус и динамично совршенство – вели Стојановска.
Шесте наџуџиња имаат конкретна вештина, вештина со која би можеле да преживеат низ животот. И тие се огледало на умот на возрасниот човек, кој размислува само во рационални и практични рамки. Седмото наџуџе навидум нема вештина. Сè што знае е да создава приказни.
Алузијата со џуџињата од митолошките матрици е јасна. Тие се тесно поврзани со физичката работа, со занаетчиството, но и со мудроста и со магијата.
Според Владимир Лукаш, во овој случај, џуџето со „магиска моќ“ е токму седмото, она што умее да создава приказни.
– Добриот илустратор знае дека не смее да ù пречи на приказната туку да ја охрабри да ги преплива сите мориња и, нели, да ги искачи сите планини. И обратно! Со други зборови, писателите и илустраторите треба да бидат многу добри другари! Во случајов, тие се многу добри другарки – едната пишува, другата црта. Ана си пишува тоа што си сака и си го прави тоа како што си сака, Иванка си црта тоа што си го сака и си го прави тоа како што си сака. Прва помисла: ако и двете си прават како што си сакаат, којзнае колку хаотично изгледа тоа! Но, не: тие функционираат одлично: кога Ана ги збеснува зборовите, Иванка ги скротува; кога зборовите стивнуваат, цртежите почнуваат да пеат брливи песни – вели Лукаш.
Во рамките на промоцијата ќе се одржи и работилница која ќе ја води илустраторката на сликовницата. Таа вели дека присутните ќе прават наџуџе.





