Дефиле на деца таленти, изложба, концерт на Националниот џез оркестар синоќа ја направија Гевгелија центарот на културните случувања во земјава. Свечено беше отворена манифестацијата „Град на културата“, титула со која ќе се краси градот од југот во 2025 година. Предводени од диригентот Џијан Емин, Националниот џез оркестар изведе програма со која го привлече вниманието на гевгеличани, а како солисти настапија Светлана Јовановска, Андријана Јаневска, Калина Велковска и Дејан Бобиќ-Дексо.

– Честитки до сите што го правите овој град жив, креативен и полн со дух. Ова е повеќе од признание – тоа е можност за нова уметност, младинска енергија, културен туризам и свежи идеи што ќе ја збогатат цела Македонија. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да го поддржува културниот развој на локално ниво и да ги поврзува уметноста, туризмот и традицијата. Нека оваа година биде почеток на нешто ново – Гевгелија да блесне како културна порта кон светот! Манифестацијата е отворена – нека започне културното патување! – истакна министерот за култура Зоран Љутков.

Програмата на „Град на културата“ продолжува денес, со манифестацијата Gevgelija Dance што ќе се одржи во спортската сала во градот.


Фото: Министерство за култура и туризам





