„Кодирање“ од Тома Димовски во Музејот на Македонија

Во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија денеска во 13 часот ќе биде отворена изложбата „Кодирање“ од Тома Димовски. Во поставката авторот го поставува прашањето: Што се случува со магијата која ја има гледањето на уметничките дела во живо? Дали дигитализацијата ја банализира уметноста или овозможува да биде подостапна? Дали дигитализацијата го избанализира животот воопшто, сведувајќи ги емоциите на кодови?

Во текстот од каталогот Велимир Жерновски за изложбата вели:

– Не случајно самиот наслов на овој текст наликува на почеток. На почеток на некоја промисла, некое писание кое треба да одгатне некаква вистина, некакво чувство за некого. За некој друг, за некој во трето лице, за некого кого би го познавал, кој би го коментирал, кој би го опеал или толкувал во кураторски текст. Текст кој би се обраќал на колегата, на уметникот кој претставува свое дело пред јавноста. Ова во никој случај не е таков текст. Ова по ниту едни стандарди не би посакал да биде таков текст. Невозможно е да се ставам во рамка од кој било аспект пишувајќи ги овие зборови, а да размислувам за Тома – пишува Жерновски.

Сподели