Премиера на „Стилист“ на Синиша Евтимов во струмичкиот театар

Претставата „Стилист“, работена според комедијата ,,Кројач за дами” на Жорж Фејдо, во режија и адаптацијата на Синиша Евтимов, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Улогите ги толкуваат: Стојан Велков-Трн, Танкица Стојанова, Игор Тодоров, Оливера Аризанова-Мансбарт, Коста Ангов, Анкица Бенинова, Васил Михаил, Јулија Милкова и Ангелина Тренчева Ангелова. Сценографијата на Илина Ангеловска, а костимите на Ване Василев.

Водвиљот е една од најпопуларните театарски форми кај публиката. А еден од големите мајстори на таа форма е токму Жорж Фејдо, чии дела не се симнуваат од театарските сцени.

– Нашата претстава го пренесува дејствието на познатата комедија „Кројач за дами“ во наше време, денес, со нов наслов „Стилист“, а ликовите на Фејдо стануваат познати и препознатливи лица од нашата современост. Обидот за брачна изневера произведува низа неверојатни, комични, урнебесни ситуации кои наликуваат на каламбур.
Режисерот и авторот на адаптацијата, Синиша Евтимов, последната деценија се занимава опсесивно и извонредно успешно со феноменот наречен – комедија. Претставата „Стилист“ е негово повторно „враќање“ во струмичкиот театар и работа со ансамблот кој добро го познава, но исто така и „враќање“ кон струмичката публика која досега ги препознавала и уживала во неговите претстави – велат од театарот.

Сподели