Во просториите на Europe House во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи Книжевен клуб што ќе го води Владимир Мартиновски. Вечерва фокусот е насочен кон месецот на франкофонијата, а тема ќе биде францускиот роман „Бусола“ од Матијас Енар, добитник на наградата „Гонкур“ за 2015 година. Македонскиот превод е на Владо Ефтимов, а изданието е на „Антолог“ (2018).
– По примерот на големите книжевни eвропски метрополи – Париз, Берлин, Прага, Рим сакаме да создадеме патувачка машина која ќе нè понесе на истражување на европските земји и култури. Затоа го креиравме нашиот Книжевен клуб во кој ќе го започнеме разговорот околу книгите – но, тој води до подлабоки позначајни врски кои секогаш формираат доживотни пријателства. Придружете ни се и откријте широк спектар на нови книги, нови автори, нови пријатели, запознајте се со авторите, со преведувачите и на крајот дознајте и нешто ново за себе – велат од Europe House.
Книжевниот клуб е во рамки на наградата за најдобар млад книжевен преведувач „Вавилон“. Мартиновски е поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач и амбасадор на наградата „Вавилон“.





