Во просториите на Europe House Струмица денеска во 17 часот ќе се одржи средба помеѓу Игор Станојоски, автор, преведувач и Звонко Димоски, критичар, преведувач. Средбата ја организира здружението „Зенит“ од Струмица што го издава истоименото Меѓународно списание за наука, литература, култура и уметност.
Станојоски и Димоски во последниот двоброј на списанието се погрижија за препевот на десетина современи украински поети.
Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген, но поголемиот дел од животот го минува во татковината. Дипломира во Скопје на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на групата Македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал во Полска во 2009 година. Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката, како и на романите Гаргара (2014), Првиот универзитетски ден на мојата ќерка (2016) и Диссомнии (2017).
Звонко Димоски е културолог, преведувач и препејувач од полски јазик, едукатор, долгогодишен предавач на Универзитетот „Адам Мицкјевиќ“ во Полска, идеен креатор и менаџер на проекти од областа на културата и социјалното претприемништво. Основач и проектен менаџер на „Јавен Простор Прилеп“.




