Kнижевна вечер со Славе Ѓорѓо Димоски посветена на неговата поезија објавена во препев на српски јазик ќе биде организирана вечерва во 18.30 часот во кафе-бар „Шила“ во Охрид. Настанот го организира Српскиот културно-информативен центар „Спона“.
Оваа книжевна вечер е дел од циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, којшто „Спона“ го почна во февруари годинава, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Србија во превод на српски јазик. Со оваа книжевна вечер, настаните во рамките на овој циклус книжевни средби и работилници за прв пат се одржуваат надвор од Скопје.
Книжевната вечер ќе се одржи со поддршка од почесниот конзулат на Србија во Охрид и од почесниот конзул, г. Михајло Филев.
Средбата ќе посветена на српските изданија на поетските книги „Јазичен триптихон“ („Језички триптихон“, Београд: Архипелаг, 2016) и „Извештаи на рисот и други песни“ („Рисови изветаји и друге песме“, Панчево: Арка, 2023).
На настанот, со свои видувања ќе се вклучат и истакнатиот српски книжевник и издавач, Гојко Божовиќ, којшто во моментов е еден од најголемите афирматори на современата македнска книжевност во Србија и книжевникот и програмски директор на СПОНА – Милутин Станчиќ. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Димоски во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните, а двојазично ќе се прочита избор од поетското творештво на Славе Ѓорѓо Димоски препеано на српски јазик.
Утре циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“ ќе продолжи во Охрид со книжевна вечер со писателката Лилјана Пандева посветена на српското издание на романот „Доилката“.





