Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи од 4 до 8 август во Струмица под мотото „Филмски крстопати“
Режисерот Милчо Манчевски, британската продуцентка Ребека О’Брајан и актерот Емил Рубен се добитници на наградите на 20. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ што ќе се одржи од 4 о 8 август во Струмица. Годинашно мото на фестивалот е „Филмски крстопати“, а ќе понуди разновидна и интересна програмска селекција со традиционален фокус на авторскиот филм. Вечерните проекции ќе се одвиваат во амфитеатарот во Градскиот парк во Струмица, а доколку заврне, алтернативен простор е Центарот за култура „Антон Панов“.
За наградите Гран при, Златна, Сребрена и Бронзена потковица, за најдобар режисер „Ацо Алексов“ и најдобро сценарио – „Ѓорги Абаџиев“, ќе одлучува жирито составено од филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов. Статуетките и традиционалните награди за „Астерфест“ ги изработи ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Манчевски ја доби наградата за „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм. Тој се заблагодари за наградата.
– Уметноста се прави за да се допре срцето на другиот. Се надевам дека она што го правам со години ве допира и создава нови чувства – рече Манчевски.
Почесното признание за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукцијата е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентката на Кен Лоуч. По тој повод, минатиот петок, во „Сине-реал“ во Лондон, еден од ретките кинотечни клубови, се одржа мала церемонија во присуство на филмски автори, академици и официјални претставници на Филмскиот совет на „Астерфест“, а на О’Брајан ѝ беше доделена почесната плакета. Наградата ѝ ја врачи основачот и директор на „Астерфест“, Горан Тренчовски.
Ребека О’Брајан ја почнала својата богата филмска кариера работејќи на Единбуршкиот филмски фестивал. По краткотрајното работење во театарските студија „Риверсајд“, се вклучила во продукцијата. Нејзиното деби како продуцентка на долгометражен филм било со „Смртта на пријателството“ на Питер Волен. Нејзиниот прв филм со Кен Лоуч бил „Скриена агенда“, по што имаат снимено осумнаесет долгометражни филма и многу други документарни и кратки проекти. Двапати била добитничка на „Златна палма“ на Филмскиот фестивал во Кан, а добитничка е и на наградата БАФТА за најдобар британски филм.
„Астерфест“ и матичната продукција на Ребека, „Шеснаесет филма“, започнале иницијатива да се прикажат избрани филмови од Ребека О’Брајан и Кен Лоуч, преведени на македонски јазик.
Емил Рубен е добитник на специјалната награда, плакета на „Астерфест“ за долгогодишни врвни актерски остварувања во македонскиот и балканскиот филм.
– Кога некој ќе те потсети дека си точно 70 години во филмот, ќе признаете дека се јавува мала неудобност. Од друга страна, добро е чувството кога ќе добиеш признание за тоа – се заблагодари тој.
Рубен во 1971 година дипломира на Академијата за филм и театар во Загреб. За првпат на филм настапува како дете, во 1954 година, кога е одбран да ја одигра улогата на Жарко во филмот „Тие двајцата“ на Жорж Скригин. По две години добил две главни улоги, во долгометражниот „Малиот човек“ на Жика Чукулиќ и во краткометражниот „Бунт на куклите“ на Димитрие Османли. Потоа следуваат низа улоги низ кои продолжува да ја гради својата актерска кариера. Пред камерата покажал дека носи изворен талент за филмска глума. До пензионирањето бил вработен како актер во МНТ во Скопје.
Во годинашната официјална натпреварувачка селекција на „Астерфест“ ќе бидат прикажани: американските „Не стравувај од самиот страв“ на Даун Вестлејк и „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ, францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадуни и Софијан Шуеб, холандско-белгискиот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам чијшто копродуцент е трикратниот оскаровец Ким Магнусон, кој лани беше во Струмица, црногорскиот „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, кинескиот „Меуресто сеќавање“ на Мингвеј Ма и Џјиаји Кристина Фу, шкотско-полскиот добитник на БАФТА „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, белгискиот „Петок, 1 јули“ на Сара Ледерман, хрватскиот „Самотија“ на Боби Грубиќ по сценарио на Миро Гавран, полскиот „Секој има убиено некого“ на Ангелика Цигал, француско-полскиот „Сок од портокал“ на Александар Атане, рускиот „Темната шума“ на Татјана Петрова, швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов, холандскиот „Ќелиски другари“ на Меле Виндиг и група коавтори, шпанскиот „Умирање“ на Хесус Мартинес „Нота“, како и македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски.
Поголемиот број селектирани странски филмови се прикажуваат премиерно во Македонија, некои се светски, интернационални или балкански премиери, а некои филмови ги потпишуваат режисерски имиња кои веќе се претставиле на „Астерфест“ и кои тукашната публика ги препознава како референтни автори.
Специјална проекција, во чест на Емил Рубен и одбележување 25 години од снимањето, ќе биде дигитализираната копија од Кинотеката на Македонија на среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов, во копродукција на „Дигит Проп“ и „De Productie“ од Белгија. Во чест на наградените ќе биде прикажан и актуелниот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов и на „Мајнд продукција“.
Клара Дошлов е американско-српска филмска режисерка и продуцентка. Дипломирала Театарски и филмски студии на Градскиот колеџ во Њујорк, CUNY. Работела низ САД, Европа и Блискиот Исток. Сезер Салихи израснал во Скопје, а на 21 година се преселил во Истанбул, каде што дипломирал и продолжил со магистерските студии од областа на филмот на Универзитетот „Мармара“. Потоа се вратил во Македонија за да режира неколку кратки играни филмови, а работел и како ТВ-монтажер. Ице Виранов израснал во Струмица. Дипломира филмска и ТВ-режија во класата на Румјана Петкова на Универзитетот „Неофит Рилски“ во Благоевград, со краткиот филм „Момчето кое спие до пладне“. Успешно работи како режисер и аниматор во видеоспотови, реклами и филмски и ТВ-проекти.
„Астерфест“ преку Тивериополските филмски настани беше интензивно присутен во текот на изминатата сезона со проекции, авторски вечери, работилници, промоции и чествувања во Струмица, но и во Белград, каде што неодамна се одржа панел-дискусија за значењето на „Астерфест“ во регионот. Тој период „Астерфест“ ги продлабочи соработката и размената на искуства со повеќе филмски и универзитетски центри, како оние во Сорбона – Париз, Нови Сад и Прага.
На 20. издание на „Астерфест“ се очекуваат значителен број домашни и странски автори кои ќе ги претстават своите филмови и ќе уживаат во струмичкото поднебје со културно-туристички знаменитости. Во Јуроп хаус Струмица ќе се одржи и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература („Ефектот на пеперутката“, „Малиот Ејолф“, „Насловите како хиероглифски записи“), а ќе се случи и традиционалната филмска посета на Манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса во Велјуса. Фестивалот е поддржан од Општина Струмица.
Насловна фотографија:
Милчо Манчевски – Маја Аргакијева
Ребека О’Брајан – Joss Barratt – Sixteen Films Ltd/ Извор: Википедија
Емил Рубен: Тиверополник / Извор: Википедија





