Книжевна вечер со Иван Џепароски во „Буква“

Книжевна вечер со истакнатиот поет, филозоф, критичар, антологичар и препејувач, Иван Џепароски ќе се одржи вечерва во 19 часот во кафе-книжарницата „Буква“. Настанот го организира Српскиот културно–информативен центар „Спона“. Средбата е посветена на српските изданија на неговите поетски книги „Светлината на Света Гора“  (2018) и „Град“ (2023).

Оваа книжевна вечер е дел од циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, којшто „Спона“ го почна во февруари оваа година, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Србија во превод на српски јазик.

На настанот, беседа за поезијата на Џепароски ќе одржи директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска, којашто е исклучителен познавач на севкупното досегашно творештво на овој истакнат автор. Со свои видувања ќе учествува и книжевникот и програмски директор на „Спона“, Милутин Станчиќ, а модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Џепароски во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.
Како што е нагласено во текстот на Наташа Аврамовска во Енциклопедијата на на македонската книжевност во издание на Институтот за македонска литература, Џепароски е е поет ерудит, кој во одделните поетски книги широко долж географските простори и длабоко низ времето на културната историја на човештвото ги распостила координатите на својот поетски свет..“

Сподели