Книгоиздателството „Антолог“ од Скопје неодамна ја објави книгата со кратки раскази „Крунски панагон“ од авторот Горан Тренчовски. Поднасловена како „белешки на уметникот што се качува по пирамиди“, „Крунски панагон“ е книга со хибридни микрофикции напишани под влијание на прозите на Бекет, Борхес, Кафка, Кено, Киш, Кортасар, Хармс, со самосвоен раскажувачки стил и возбудлива кинестетична атмосфера.
Во поговорот од книгата, Мимоза Рајл пишува:
„Ова е дело во кое заедно ги сонуваме соништата на уметникот, пливајќи во длабоките мистични води на раскажувањето, онаму каде што ние обичните луѓе немаме пристап, предочувајќи ни восхитувачки сцени од некои далечни и волшебни светови. (…) Оваа збирка раскази ги поставува круцијалните прашања на светот, шекспировски потврдува дека овој свет е театарска сцена и дека секој од нас игра одредена улога. Таа трескавично нè прашува кога ќе ја симнеме маската во животот, кога ќе погледнеме во другиот и со тажни очи ќе се најдеме самите, за да ја раскажеме нашата приказна од длабоките понори на потсвеста и така да се ослободиме од тешкото бреме на земските сраснатости. (…) Пит Кралски, качувачот по пирамиди, патувајќи низ линеарниот простор на вечното време, бележи и нѐ потсетува дека сè што постои во овој лавиринтски свет е само една лична и индивидуална перспектива. Тој во овој миг нѐ повикува заедно со него да се искачиме на повисоките фреквенции на небесното, оние што постојат над врвовите на пирамидите, да се оттргнеме од световните царства во кои владеат залудноста и глупоста, на земјата каде што човекот постојано е обвиткан со дуплата сенка на злото.“

Горан Тренчовски е писател и режисер со искуство во сите медиуми. Потписник е на повеќе телевизиски и кинофилмови и театарски претстави, како и автор на десетина книги со есеи и студии за книжевноста, интермедијалноста, филмот и драмата („Орбис пиктус“, „Поетика на (де)тронизацијата“, „Парс про тото“, „Кинестетични наративи“…). Предавач и професионален соработник е во неколку интернационални проекти и академски програми од областа на културата, уметноста и образованието. Основач и уметнички директор е на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. По светската премиера на Филмскиот фестивал „Реинденс“ и по добиената награда во Кардиф за неговиот игран филм „Златна петорка“ со кој го обиколи светот, Тренчовски живее и работи во Велика Британија.
Книгата се преведува на неколку јазици, а се подготвува и англиско издание.





