Климе Коробар подготвува изложба за етнолошкото богатство низ марките на „Македонска пошта“

Со изложбата ќе ставиме акцент на нешто што значи културно богатство, што треба да се чува – тоа во музелогијата се нарекува превентивна заштита

Етнолошкото богатство на Македонија низ марките издадени од „Македонеска пошта“ е изложбата што деновиве ја подготвува историчарот на уметност Климе Коробар од Скопје. Етнологијата како тематика следува по сличните изложби на марки кои Коробар ги правел низ годините – ликовната уметност, археологијата, средновековното културно богатство низ марките на „Македонска пошта“. Причини за изложбата има многу, а една од нив е зачувување на културното богатство.

– Досега сум организирал неколку изложби со поштенски марки. Не ги правам како што ги прават филателистите, но се држам до филателистичките норми и ги врзувам со теми. Идејата е да се забележи дека „Македонска пошта“ има навистина издадено многу на тема на културното наследство и тоа многу малку луѓето го знаат. Тие марки се просто недостапни за обичните луѓе. Со изложбата ќе ставиме акцент на нешто што значи културно богатство, што треба да се чува. Тоа во музелогијата се нарекува превентивна заштита. Ако ги запознаеш луѓето дека тоа има вредност, ќе го чуваат. Ако не знаат за вредноста на предметите, ќе ги уништат, ќе ги фрлат – објаснува Коробар.

Климе Коробар

Модерното време, новите технологии и дигитализацијата директно влијаат на оваа тема. Сè помалку луѓе пишуваат писма и користат поштенски марки.
– Марките се сепак едни од најдобрите амабасадори на земјата. Тие патуваат низ времето и просторот и најдобро ја раскажуваат културата на оваа земја. Мислам дека треба да им се посвети внимание, макар што сè помалку луѓе се занимаваат со филателија. Јас повеќе ги опфаќам од музеолошка страна, зашто навистина, како тргнале работите, се губи дел од културното богатство кое е неадекватно чувано. Барем нешто да остане – вели Коробар.

Изложбата ќе биде проследена со книшка каталог и да се забележи, и на некој начин информациите да бидат достапни за граѓаните.
– Па можеби ќе се заинтересираат, па некој што треба да испратени некаде нешто ќе купи марки, ќе ги залепи, па ќе ги испрати. Јас постојано тоа го правам со моите пријатели во странство. Ќе ми излепат 7-8 марки на коверт, ќе ми го испратат, јас истото го правам од овде и тоа е една игра без граници. Име опушта таа работа. Веќе сум во пензија и избирам работи што навистина ме рекреираат. Ме опуштаат, ми прават задоволство – вели Коробар.

Како се појавиле поштенските марки, која била нивната примарна цел? На интеренет-страницата на „Македонска пошта“ пишува дека со појавата на поштенските услуги пред многу години се создал проблем – кој треба да ја плати поштарината – испраќачот или примачот? Како да се најде решение што ќе гарантира дека Поштата ќе ја наплати својата такса за направената услуга.

„Во Франција, сопственикот на една мала пошта, De Valayer, во 1653 година на своите муштерии им нудел мали парченца хартија на кои било испишано ,потврда за платен транспорт’. Сепак, дури на 6 мај 1840 година е воведена лепливата марка како потврда за однапред платена поштарина. Британската пошта прва одлучила да печати и да продава поштенски марки. Набрзо овој метод на плаќање поштарина го прифатиле и другите земји. Појавата на поштенските марки создала и нова страст – филателија“, се вели во текстот.

Филателијата, односно собирањето и проучувањето на поштенските марки, и ден-денес е најпопуларно хоби во светот. Поштенската марка, како амбасадор на земјата-издавач, овозможува поглед во културата на земјата, нејзиното уметничко и историско наследство.

„Македонска пошта“ издава три вида поштенски марки: пригодни, редовни и доплатни. Пригодните се јубилејни поштенски марки и се издаваат според програма одобрена од Владата. Редовните марки циркулираат во секојдневниот поштенски сообраќај и имаат различна тематика. Доплатните марки се печатат со одлука на Собранието, а доплатата на услугата е наменета за хуманитарни цели. Марките се изработуваат во Бирото за филателија при „Македонска пошта“, кое годишно издава од 27.000 до 30.000 поштенски марки.

Изложбата Коробар ја подготвува со своите соработници преку Асоцијацијата за култура ИКОН, со поддршка од Министерството за култура во рамките на годишната програма. ИКОН наскоро ќе одбележи јубилеј – 25 години од основањето. Коробар вели дека со јубилејот веројатно и ќе згасне Асоцијацијата.
– Едноставно, нема интерес од државата. За жал, во Македонија никогаш не заживеаја невладините организации кои работат проектни активности. Тешко опстојуваат. Така ова повеќе се сведува на забава за една група луѓе, прави задоволство и го исполнува времето – вели Коробар.

Фотографии од марки: Извор „Македонска пошта“

Сподели