„Класика меѓународниот фестивал Струмица“ е убава реалност што треба да прерасне во успешна приказна

Пишува: Митко Гогов

Богатата програма ја мапираше Струмица уште еднаш како град што гаи култура и почит кон различните уметнички дисциплини, па освен театарот, филмот, поезијата и ликовната уметност, сега има фестивал на кој музичките сладокусци можат да се облагодарат со класична музика и фестивал кој го промовира најдоброто од актуелната сцена.

Струмица заслужено доби уште една традиционална манифестација – Фестивалот за класична музика „Класика меѓународен фестивал Струмица – 2025“ ги воодушеви граѓаните.  Годинава се одржа по четврти пат и за многумина љубители на класичната музика тоа беа денови кога рајски можеше да се ужива во богатата програма која организаторите ја имаа припремено. Со извонредни пет концерти кои покажаа автентичен и уникатен принцип на читање на композициите кои се вкоренети во историјата на класичната музика, голем број струмичани и гости од надвор можеа да се запознаат со Дуото пијано на Катерина и Глигор Гелебешеви, Гудачкиот квартет „АРТЕ“ од Бугарија, камерното дуо на Павлина Сенич (сопран) и Кристијан Бадаровски од Чешка, женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ и квартетот саксафони од Македонија.

Богатата програма ја мапираше Струмица уште еднаш како град што гаи култура и почит кон различните уметнички дисциплини, па освен театарот, филмот, поезијата и ликовната уметност, сега има фестивал на кој музичките сладокусци можат да се облагодарат со класична музика и фестивал кој го промовира најдоброто од актуелната сцена.

Така, на програмата можеа да се слушнат дела од Вагнер, Росини, Рахмањинов, Пјацола, Мориконе, Бах и многу други, меѓу кои и исклучителни македонски автори, но и композитори кои со нивниот авангарден пристап допрва
истапуваат на светската сцена.

Иако, селекторот на фестивалот, м-р Васил Атанасов, годинаа поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Струмица, скромно ќе изјави дека со овој фестивал само дополнително се збогатува културната програма на градот, важно е да се потенцира дека на градот му недостигаше ваков фестивал со кој се надополнува
музичкиот аспект, па со тоа секој заинтересиран за овој вид на музика може целосно да ужива во спектарот на изведувачи кои ја збогатуваат листата од година в година и го потврдуваат квалитетот на фестивалот.

Струмица е изворник на култура во југоистокот на државата, а и пошироко, затоа е клучно да се реализираат настани од овој тип, оваа фестивалска платформа е доказ за потребата и можностите за иднина. Независно од тоа што ќе имаме прилика да проследиме во идните изданија на фестивалот на камерна музика, навиката и традицијата за „Класика меѓународниот фестивал Струмица 2025“ е факт и убава реалност за која сите се радуваат и надеваат да порасне и прерасне во успешна приказна.

Сподели