„Скопско лето“ по 46. пат – 35 настани од културата во 40 дена

Манифестацијата ќе биде отворена со гала-концертот вечерва во 20.30 часот во Македонската филхармонија. Претходно, во 19 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на реномираниот уметник Томе Аџиевски

„Мостови на музиката: Софија – Скопје“ е насловен гала-концертот што вечерва во 20.30 часот во Македонската филхармонија ќе го отвори 46. издание на фестивалот „Скопско лето“. Претходно, во 19 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на реномираниот уметник Томе Аџиевски. Во рамките на манифестацијата која ќе трае до 31 јули ќе бидат изведени околу 35 настани на различни културни сцени низ градот – бројни концерти, театарски претстави, изложби, литературни вечери и танцови перформанси, најави на вчерашната прес-конференција Василија Чали, проект-менаџер на „Скопско лето“.

Во „Зона фобија“, трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, Аџиевски се потсетува на филмот „Сталкер“ на режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија.

– Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес. Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ – урнатина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет – велат организаторите.

На концертот во Филхармонијата ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија. Диригенти се Ана Спасовска и Николаи Хилендаров. Солистички ќе настапат: Јана Каевска и Марија Магдалена-Желјазгова – флејта, Санја Јович-Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело и пијанистите Искра Атанасова-Митуш и Николај Маринов – пијано. Ќе бидат изведени дела од Антонио Вивалди, Волфанг Амадеус Моцарт, Франц Лист, Петар Илич Чајковски.

Сава Димитров, ректор на Академијата за музичка уметност во Софија се заблагодари на поканата да го отворат „Скопско лето“ и дополни дека талентите може да поврзуваат, а музиката е заеднички јазик на двете земји.

На манифестацијата ќе има интересни содржини. Дирекцијата за култура и уметност – Скопје веќе ја најави програмата. На 1 јули Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе ја реализира мултисензорната изложба „Скопски урбани приказни“ на повеќе локации во Скопје. Ќе бидат претставени дела на 14 уметници, под кураторство на Ана Франговска.

Гала-концерт на Вјечеслав Поповски и на „ACIES квартет“ е закажан на 14 јули во малата сала на Филхармонијата. Поповски рече дека ќе настапи со сопствени аранжмани, а тој ги изработил и инструментите со кои ќе настапат музичарите. „Скопско лето“ ќе заврши на 30 јули со концерт на Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“ во Сули ан под диригентство на Иван Еминовиќ.

Сподели