Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи беа дел од атмосферата во Националениот дворец на културата во Софија завчеравечер по изведбата на епската „Кармина Бурана” од Карл Орф. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации.
Главниот ,,виновник” за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров, пак, не ја криеше неизмерната среќа што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на, како што и самиот истакна, три оркестри во едно тело.

Со колегите од Грција и од Македонија одлучивме да започнеме нешто ново и да им кажеме на сите луѓе дека кога сме заедно можеме да направиме чуда, порача од сцената маестро Најден Тодоров во своето обраќање до публиката која на нозе со долг аплауз ги испрати уметниците од сцената.
Се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина, велат од Филхармонијата.
На сцената на НДК имаше над 250 уметници. Тие се соединија со звукот на моќното, величествено музичко-сценско дело со кое пренесоа силна порака за културно обединување и славење на љубовта и уметноста низ три различни култури.
Фото: Јутјуб/принтскрин





