На луѓето треба да им се даде шанса да го разберат џезот. A дотогаш сигурно и ќе го засакаат

Зиги Фајгл, светски познатиот диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена утревечер во 20 часот ќе го предводи концертот Cuban Fire на Националниот џез оркестар што ќе се одржи во Македонската филхармонија

Пишува: Марина Туфекчиевска

Својот прв „биг бенд“ го формирал на 17 години, уште пред да почне да студира на Универзитетот во Грац. Водел културно друштво во родниот град повеќе од 15 години, организирал безброј концерти за други бендови и биг бендови, раководел со џез фестивал повеќе од 20 години и до неодамна, убав мал џез-локал во Грац, каде организирал 15-20 концерти месечно. Предава на џез катедрата во Грац, беше декан на Институтот за џез од 2020 до 2024 година. Тој е неуморен, активен, а најголема „љубов“ на широкото музичко поле отсекогаш му било „трчањето“, организирањето и диригирањето на поголеми ансамбли – од биг бендови до симфониски оркестри.

Зиги Фајгл

Зиги Фајгл, светски познатиот диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена утревечер во 20 часот во Македонската филхармонија ќе го предводи концертот Cuban Fire на Националниот џез оркестар.
– Многу сум возбуден секој пат кога се враќам во Скопје, ги среќавам моите поранешни студенти и го гледам следниот чекор од нивниот развој – вели тој.

Нашата публика Ве знае навистина добро, што по Вашата севкупна кариера, што како харизматичниот диригент и музичар со кој Националниот џез оркестар ја започна својата работа. Каде сте лоциран последниве години и на што работите во моментов?

– Сè уште сум редовен професор на Универзитетот за музика и драмски уметности во Грац, Австрија, катедрата за џез каде што всушност студираа многу членови на Националниот џез оркестар. Така, некои од нив ги познавам повеќе од 10-15 години и секогаш сум среќен што се враќам и ги следам нивните музички случувања овде во Скопје.

Во текот на Вашата кариера успешно работите како диригент, изведувач, професор, а до неодамна имавте и раководна функција како декан на Институтот за џез на Универзитетот во Грац. Во која улога најдобро се чувствувате, на кое поле може да бидете комплетно свој?

– Благодарен сум на шансите што ми ги даде мојот музички живот и сум подеднакво среќен со сите овие опции преку кои можам да ги изразам моите уметнички ставови. Покрај активното свирење и мојата музичка улога на саксофонист и кларинетист во моите помали бендови или кога стојам пред оркестар како диригент (не е важно дали е ориентиран кон џез или класична музика), секогаш сум бил среќен кога требало да влезам во организациската работа. Водев културно друштво во мојот роден град повеќе од 15 години, организирав безброј концерти за други бендови и биг бендови, бев на чело на Џез фестивал повеќе од 20 години и неодамна водев многу убав мал џез-локал во Грац, организирајќи околу 15-20 концерти месечно … Покрај тоа што предавав на џез катедрата во Грац, бев декан на Институтот за џез од 2020 до 2024 година што исто така ми отвори неколку опции да го внесам моето знаење и љубовта кон музиката.

Но, сигурно, очигледно мојата најголема „љубов“ на широкото музичко поле отсекогаш беше „трчањето“, организирањето и диригирањето на поголеми ансамбли – од биг бендови до симфониски оркестри, како што го формирав мојот прв „биг бенд“ на 17 години, уште пред да започнам да студирам на Универзитетот во Грац:)

Кај нас во Македонија, џез-музиката доби нова свежина преку ЗЏМ биг бендот односно преку Националниот џез оркестар кој успеа џез-музиката да ја доближи до народот. Се покажа дека токму ваков биг бенд, како еден дел од чинителите на целата култура, е она што навистина ни требало. Во земјава постојат врвни џез музичари со успешна кариера, еден светски реномиран џез фестивал, но генерално климата за џез-музика не беше така поволна. Привремено беше паузирана насоката за џез-музика на првиот државен универзитет во земјава, за минатата година повторно да се отвори. Каква е ситуацијата со џез-музиката глобално?

– Џез-музиката отсекогаш била и ќе биде клучен и важен дел од културниот живот на општествата и луѓето. Дури и надвор од фактичката состојба, дека овој конкретен начин на правење музика секогаш се менува и неверојатно многу различни стилови произлегоа токму од оваа уметничка форма, таа многу често мораше да се бори против непочитувањето и/или недостатокот од разбирање. Надвор од оваа ситуација, уште поважно е да се одржи во живот оваа уметничка форма и да им се даде на луѓето шанса да ја разберат. Сигурно дотогаш ќе успеат и да го засакаат позитивното влијание кое ќе го донесе кај нив оваа музика. Значи, постоењето на овој Национален џез оркестар е одличен, голем чекор во вистинска насока во одржувањето во живот на оваа уметничка форма и нејзино прифаќање на високо културно ниво.

Не можам да кажам дека изминатите 15 години донесоа голема промена во однос на статусот и/или прифаќањето на џезот воопшто. Секогаш требаше да се вложат големи напори за промовирање на оваа уметничка форма и да се прават постојани обиди за да биде прифатена на големото поле на музичката култура. Не верувам дека биле многу полесни ниту 50-тите, 60-тите или 70-тите години на минатиот век, времињата кои често се опишувани како златните времиња на џезот… Што се однесува до катедрата за џез на Универзитетот во Грац, имаме среќа што сè уште имаме голем прилив на кандидати за студирање кои доаѓаат од целиот свет. Значи, гледаме одлична иднина, имајќи предвид дека за „правење џез-музика“ секогаш е потребна голема посветеност.

Постојано работите со биг бенд состави и најдобро може да ни доловите колку е важно за музичарите искуството на настапување во еден ваков состав и тоа колкав дел од музичката џез нототека ù припаѓа токму на музиката за биг бендови. Дали беше неминовно во последните неколку години да згаснат неколку важни биг бендови во светот? Не ли е тоа голема загуба од повеќе аспекти (културолошки, егзистенцијално)?

– Свирењето во биг бенд е посебно уникатно искуство. Особено поради тоа што е потребно „приспособување“ кон музиката која ја изведуваат сите заедно, во истиот момент. И покрај тоа што најголемиот дел од музиката е даден преку аранжманите, во оваа форма на музичка соработка се вклучени и голем број „импровизирани делови“. Престанувањето со работа на неколку големи биг бендови низ целиот свет беше неизбежно. Одличните времиња на биг бендовите од 30-тите години на минатиот век дефинитивно ги нема. Ова е главно поради тоа што многу влади не ја разбираат важноста на културното образование воопшто. Значи, тоа нема никаква врска со „идиомот на биг бенд“ сам по себе, туку повеќе со пристапот на владите во однос на културниот идентитет.

Не се затвораат само големите бендови. За жал, згаснуваат и класичните оркестри, културното образование во училиштата итн. итн. Сè додека имам шанса да работам против овој негативен тренд и развој, во тоа ќе ги вложам сите мои сили и напори. Од друга страна, формирањето на Националниот џез оркестар е голем чекор во вистинската насока и ќе го поддржам колку што можам од моја страна, во секоја смисла.

Новата ера на компјутерски технологии донесе новини кои водат кон напредок во повеќе сфери. Сепак, дискусии отвори номинацијата за Греми награда на „Битлси“ за албум на годината и за најдобра рок изведба, за дела направени со помош на вештачка интелигенција. Сè уште имаме впечаток дека џез-музиката не е допрена од вештачката интелигенција, барем не во некоја премногу очигледна мера. Дали може вештачката интелигенција да влијае на џезот, џез музичарот да биде заменет?

– За жал, јас сум премалку искусен во технологиите за вештачка интелигенција. 🙂 Но, верувам дека вештачката интелигенција не може да има многу голем удел во вистинското човечко влијание врз џез-музиката, бидејќи свирењето џез вклучува толку многу лични атрибути кои не можат да бидат соодветно испорачани од ниту една технологија на вештачка интелигенција. Но, како што е кажав – дефинитивно не сум вистинската личност за ова прашање:)

Вашиот прв концерт со Националниот џез оркестар, тогашен ЗЏМ биг бенд беше пред околу девет години. Од денешна перспектива, каков впечаток имате во врска со оркестарот? Како се има сменето од првиот пат кога соработувавте до денес?

– Оркестарот направи вистински голем напредок во изминатите години – каде што имав привилегија да бидам дел од околу 6 или 7 различни програми. Прекрасно е да се види дека оваа соработка на поранешни студенти од Грац кои се вратиле во нивната матична земја создава нешто „ново“.

Покрај нивниот исклучително професионален статус на самостојни музичари, заедно со сите останати членови од биг бендот, тие очигледно се и многу успешни во промовирањето и организирањето на овој оркестар финансиран од државата, на вистински професионален начин. Многу сум возбуден секој пат кога се враќам во Скопје, ги среќавам моите поранешни студенти и го гледам следниот чекор од нивниот развој. Само честитки и поддршка од моја страна за сево ова!

Ова интервју е навестување на утрешниот концерт. Што да очекува публиката од Cuban Fire? Колку се афро-кубанските ритми и Стен Кентон предизвик за Вас?

– Стен Кентон бил вистински иноватор со својот биг бенд. Покрај многуте експерименти со составот на неговиот биг бенд (имало дури и измислени специјални инструменти за „неговите“ звучни визии …), тој исто така свирел и снимал во многу различни стилови на музика – не само музиката за биг-бенд иако бил одличен претставник на истата во таа ера. Cuban Fire Suite – компонирана и аранжирана од Џони Ричардс стана една од највлијателните снимки на сите времиња од латино-џез изведен со голем ансамбл.

Оваа музика бара вистински професионален бенд и среќен сум што можам да ја донесам оваа музика до Националниот џез оркестар. Почетокот на програмата ќе вклучува некои од големите „хитови“ од свинг-периодот на Стен Кентон како Eager Beaver, Dynaflow или Artistry in Rhythm …

Фото: Маја Аргакијева

Сподели