„Капење“ е насловот на мултимедијалното претставување на авторите Дориан Јовановиќ и Стефан Шашков кое ќе се одржи вечерва во 20 часот, во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Со него Националната галерија на Македонија ќе ја затвори 2023 година. Куратор на проектот е Горанчо Ѓорѓиевски.
Фукцијаната на амамот во даденото време бил јавен простор каде се вршело прочистување на телото, но и размена на информации од секојдневниот живот на чаршијата. Со овој проект, на еден симболичен начин се продолжува традицијата на амамот како место за прочистување, додавајќи и една нова димензија – прочистување на перцепцијата со светлосни и аудиовизуелни „козметички“ средства.
– Светлосно визуелниот дел содржи видеа и звук проектирани на ѕидовите, додека посетителите со своите сенки ќе дадат една непредвидлива динамика на сиот визуелен простор, кој во ниту еден случај не може да биде повторен. Визуелната константна менливост асоцира на минливоста која во вакви објекти со специфична намена, се места каде човекот се релаксира и можеби добива мала шанса да ја согледа минливоста – вели Ѓорѓиевски.
Axiotomic е соло проект на музичарот и продуцент Дориан Јовановиќ, познат и по долгогодишни соработки со групите String Forces, Чалгија Саунд Систем, Здеев, Калдрма, Грендени, Seth (денес Сетстат) и Dobrila&Dorian Duo. Музиката на Axiotomic е импровизирана во својата основа, се создава во живо на самото место (настап), но во одредени, однапред зададени рамки и/или насоки кои го движат телото на звукот во одредена насока при самата изведба. По својата звучност, изведбите се електронски и амбиентални, често пати врз основа на микроспкопски шумови од различни извори и карактер, но основата на звукот на Аксиотомик е Чепмен Стик-от (Chapman Stick), 12-жичен инструмент од групата на тапинг-инструменти. Аксиотомик е и автор на видео-материјали кои што се во блиска корелација со музиката и чија што намена е да го прошират звукот и во визуелен домен за посеопфатно доживување на слушателот/гледачот.
Стефан Шашков (IXgram) е роден во Скопје 1964 година. Во 1991 година дипломирал на Филозофскиот факултет, отсек Историја на уметност со археологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Авантурата низ уметноста ја започнува кон крајот на минатиот век. Со групата „Архимедијала“ како нејзин член, на изложбата „Кутија со слики“ добиваат специјална награда од жирито во состав на некои доста познати фаци од светската и домашната уметничка критика и есеистика. Најмногу награди има добиено за видео и филмско творештво.
Проектот ќе биде изложен до 7 јануари.





