Во издание на Институтот за национална историја излезе од печат книгата „Канон и цензура во културната продукција 1945-1952“ од проф. д-р Драгица Поповска. Книгата го прикажува односот на канонот и цензурата во културата на социјалистичка Југославија, вклучително и на социјалистичка Македонија, во првиот повоен период, во кој е доминантен административно-централистичкиот модел на културна политика, чиишто хронолошки граници се поклопуваат со постоењето на одделението за агитација и пропаганда. Авторката, применувајќи ги новите академски пристапи за проучување на цензурата, фокусот го става на неколку области од културата: книжевност и издавачка дејност, кинематографија/филмска продукција, театарско творештво и музика.
Во овој контекст, анализата на цензурата ги опфаќа општествено воспоставените практики, кои настојуваат да ја оневозможат или да ја забранат трансмисијата на другите: идеи, информации, слики, содржини и пораки, преку комуникациските канали во општествени рамки. Целта не е нотирање на примерите на цензура во југословенското/македонското општество во конкретниот период, туку откривање на начинот на кој државата/партијата наметнувала правила на игра во одредено поле на културата и аналогно на тоа, начинот на кој ги исклучувала од игра неподобните содржини.
Д-р Драгица Поповска е редовен професор во одделението за културна историја, при Институтот за национална историја. Нејзините истражувања се во областа на културната историја и социо-културната антропологија. Автор е на осум монографии и голем број научни трудови објавени во земјата и во странство.





