Сместен на влезот на градот, надвиснат од високи дрвја, засолниште и место за авантуризам и за луѓе што уживаат да бидат што поблизу до природата. Кампот „Скаут“ во Струга во последните неколку години, благодарение на проектот „Младински авантуристички туризам“, ги зајакна своите сместувачки капацитети и ја подобри својата понуда на активности. Пет дрвени куќарки, извадени како од приказните го мамат вашиот поглед и желба да се испроба еден нов поглед, едно ново доживување. Совршено за деца на камп, на спортски подготовки, но и за млади авантуристи.

Во периодот од мај до октомври, кампот е отворен за комерцијално работење, но во текот на целата година им е на располагање на извидниците на ИПО „Крсте Јон“, каде што ги одржуваат своите состаноци, ги спроведуваат тековните активности и ги планираат идните, вели Никола Кукунеш, менаџерот на кампот.
– Во текот на летната сезона, кампот е одредница на неколку извиднички групи од Белгија, Холандија и Франција. Благодарение на активностите и меѓународните контакти, бројот на активни членови во струшкиот одред е на задоволително ниво. И покрај тоа што почетокот на нашето рабење се случи во екот на здравствената криза од ковид-19 имавме успешна промоција и успеавме да ги испочитуваме сите протоколи – вели тој.
Странските и домашните гости го избираат планинарењето, возењето кајаци и велосипедизмот, а дефинитивно најатрактивно за летно време е нуркањето во Охридското Езеро. За таа цел, освен курсеви за нуркање, се организираат и викенд-пакети, а минатата година тие го организираа и првиот Меѓународен фестивал за подводен филм.

Петнаесетмина лица се ангажирани сезонски за работа на кампот, а тоа е добар показател дека проектот поттикнува и економска придобивка за локалното население, што се чувствува и во однос на работата на локалните маркети и ресторани.
– Наша идна цел е да излеземе од рамката на сезонската понуда, т.е. да се обидеме да ја прошириме туристичката понуда и во текот на месеците надвор од неа – велат од кампот.
Освен петте куќарки на дрво, во рамките на инвестицијата е изграден и амфитеатар со капацитет до 60 посетители, а е зголемен и сместувачкиот капацитет на извидничкиот центар.
Од опрема се набавени: опрема за нуркање, набавка на чамци, шатори, велосипеди, а во изминатиот период беа организирани четири извиднички настани – национални и меѓународни.
Меѓу богатата содржина во кампот се нудат и 10 нови содржини за млади туристи кои вклучуваат: курсеви за нуркање, за планинарење, за преживување во природа, курсеви за водни спортови, работилници за заштита на природата итн.
Овој проект нуди придобивки и за развојот на извидништвото на нашата земја во целина, затоа што кампот „Скаут“ полека станува мека на извидниците од цела земја, но и на големата извидничка заедница од целиот свет.
Проектот е реализиран со буџет од 273.127 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија доделија 245.752 евра, а ИПО „Крсте Јон“ Струга обезбеди 27.375 евра.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.





