Какви подобрувања кај децата со попреченост предизвикуваат STEM работилниците

Преку тактилна градба, допир, звук и практично искуство, децата не ја „гледаат“ науката, тие ја чувствуваат, велат од Здружението за развој на технологија, роботика и иновации (CTRI)

Кога STEM активностите се правилно приспособени, тие им овозможуваат на децата со попреченост активно учество, самостојност и самодоверба. Преку тактилна градба, допир, звук и практично искуство, децата не ја „гледаат“ науката, тие ја чувствуваат. Овој пристап им помага подобро да ги разберат апстрактните поими, да развиваат логичко размислување и да стекнат чувство дека можат самите да создаваат и решаваат задачи, без ограничува, вели м-р Васка Медиќ, претседателка на Здружението за развој на технологија, роботика и иновации (CTRI) кое минатата недела ја реализираше втората инклузивна STEM работилница во рамки на иницијативата „Лего инклузија: Сетилен пат до иновација“.

Работилницата се одржа во соработка со Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје во неделата кога се одбележува 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, испраќајќи силна порака дека инклузијата во образованието не е идеја, туку пракса која се гради секојдневно – преку соработка, адаптација и доверба. Активноста е дел од заедничката мисија на CTRI и училиштето „Димитар Влахов“ да се создаде инклузивна образовна средина во која секое дете, без разлика на попреченоста, има можност да истражува, гради, создава и учи преку допир, звук и непосредно искуство.

Темата на втората работилница беше „Музички вибрации“. Учениците истражуваа како вибрацијата создава звук преку допир, слушање, градба и програмирање на лего модели.

Благодарение на специјално подготвени тактилни инструкции, прецизно организиран распоред на елементите и приспособена методологија, учениците самостојно граделе функционални лего модели, следеле чекор-по-чекор упатства, програмирале мотор кој создава ритам и вибрации, ја почувствувале науката преку сите сетила.

– Ова не е само работилница, туку чекор кон вистинска инклузивна образовна пракса, каде наставата се приспособува на потребите на детето, а не обратно. Токму ваквите соработки со образовните институции го менуваат пристапот кон STEM образованието во Македонија – велат од CTRI.

Во рамките на работилницата учениците граделе лего модел кој создава звук преку вибрации, учеле како функционираат различни музички инструменти, ги користеле допирот, слухот и движењето за разбирање на научни појави, развивале самостојност и сигурност преку тактилно организирање на материјалите, учествувале активно во целосно инклузивно STEM искуство.

– Најзабележлива е промената во сигурноста и активноста кај децата. По работилницата тие се поотворени, поставуваат повеќе прашања и покажуваат зголемен интерес за тоа како функционира светот околу нив. Се забележува напредок во самостојноста, концентрацијата и меѓусебната соработка, како и искрена радост што самите успеале да изградат и програмираат функционален модел. За нас, ова е најјасниот доказ дека ваквите инклузивни STEM активности имаат долгорочно позитивно влијание – вели Медиќ.

Работилница е втора успешно реализирана активност од серијата инклузивни образовни содржини што CTRI, во соработка со „Димитар Влахов“, континуирано ги развива со цел долгорочно унапредување на инклузијата во STEM образованието во Македонија.

(В.И.И)

Сподели