Филмот „Бело се пере на деведесет“, во кој Македонија е копродуцент заедно со Словенија, Италија, Хрватска, Србија и Црна Гора, ќе биде премиерно прикажан вечерва во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје. Проекцијата е во рамките на фестивалот „Синедејс“. Режисер на филмот Марко Набершник, кој заедно со писателката Броња Жакељ го напишаа и сценариото. Македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“. Во филмот игра и Аница Добра, која ќе биде гостинка на проекцијата.
Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња (Леа Цок), додека ја следиме низ различни фази од животот. Како дете, таа ужива во истражувањето на светот со својот помлад брат, Рок, и наоѓа утеха кај нејзината баба, Дада (Аница Добра). Но, нејзиното безгрижно детство завршува кога нејзината мајка ја губи битката со ракот, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест, кога ѝ е дијагностициран Хоџкинов лимфом. Приказната е заснована на вистински настани и адаптација на истоимениот роман на словенечката писателка Броња Жакељ. Филмот го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век, преку нејзината лична трансформација, нудејќи им надеж и инспирација на гледачите.
– Настанувањето на филмот „Бело се пере на деведесет“ беше уникатно искуство. Раскажувањето вистинска приказна наложи посебен пристап. Да се остане верен на оригиналната нарација на романот, истовремено размислувајќи низ филмски кадри, бараше многу внимателна проценка. Освен тоа, приказната за загубата и семејството остави длабок личен впечаток врз мене. Таа служи како потсетник дека времето што сè уште го имаме е драгоцено, а присуството на оние што се најважни никогаш не треба да се зема здраво за готово – вели режисерот Набершник.
Директор на фотографија е Максимилијан Сушник, монтажата – на Милица Јелача Спасиќ, музиката на Лука Чут, а инженер на звук е Игор Поповски.
Улогите ги толкуваат: Леа Цок, Аница Добра, Јуриј Зрнец, Тјаша Железник, Жига Шорли, Меи Рабич, Јака Мехле,
Владимир Тинтор, Ива Крајнц Баргола, Саша Табаковиќ, Јуре Рајшп, Полона Јух, Блаж Доленц.
Повеќе за програмата на „Синедејс“, кликнете на следниот ЛИНК.





