„Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“ е темата на 3. панел-дискусија што ќе се одржи утре во 11 часот во Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Фокус на дискусијата ќе биде како се менувало значењето на оценувањето низ генерации, што денес значи вистински успех и како наставниците го препознаваат трудот и напредокот на учениците во современиот контекст.
Своето видување ќе го споделат министерката за образование и наука Весна Јаневска, Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, Даниела Апостоловска, одделенски наставник и помошник-директор во основното училиште „Братство – Миѓени“ од Тетово, Сихана Каба Касами, одделенски наставник и директор во тетовското основно училиште „Кирил и Методиј“ и Салих Мислими, доктор по општа медицина и професор по стручни предмети во „Никола Штејн“ во Тетово.
Настанот ќе може да се следи во живо на Јутјуб-каналот на Министерството за образование и наука. Панелот се одржува во рамките на националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука, чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.





