Голем концерт во чест на Кире Костов

Голем број познати имиња од забавната музика, на гала концерт, ќе му оддадат почит на човекот кој ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – едиствениот маестро Кире Костов. Концертот е закажан за 11 ноември (вторник) во 20 часот во Националната опера и балет. Концертот во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.

На концертот, во чест на големиот маестро ќе настапат: Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како
гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.

– Ова е важен концерт за нашето семејство, бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од
неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман. – вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.

Инаку во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај галебе“ на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и Скопје а имаше и своја уникатна радио промоција на брановите на Радио Бубамара.

Организаторите од „Баги комуникации“ додаваат дека „Летај галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан што ќе ја врати публиката во времето кога песните се создаваа со душа. Тие потенцираат дека е важно да се негуваат домашните автори, да се слуша музиката која била создавана низ времето и да се пренесува на генерациите што доаѓаат.

Инаку, Кире Костов е симбол на македонската музика – композитор, аранжер и диригент кој создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“, до големите фестивалски композиции и оркестарски дела, неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство. Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи, маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, НЛБ Банка, Алкалоид и Триглав, а снимката ќе биде архивирана и емитувана на Македонската телевизија. Влезниците се достапни на mktickets.mk и во книжарниците на Литература.мк.

Сподели