Артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио „Клуб 100“ ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Куршумли ан
Изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио „Клуб 100“ ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Куршумли ан, во Старата скопска чаршија. Со дружење и со музика од 80-тите и 90-тите, настанот ќе биде посветен на Младинското радиото „Клуб 100“ – првото независно радио во скопскиот (македонскиот) етер – 35 години од стартувањето и 30 години од згаснувањето. Ќе настапат Деан Шкартов (Клержо), Венцислав Смаќоски (Клержо) и Влатко Каевски (Киборг). Изложбата се организира во рамките на манифестацијата „Скопско лето“.
Од 1987 до 1991 година, времето на зародиш на новата страница во македонската историја и осамостојувањето, демократизација, плурализам, почнало да работи Младинското радио „Клуб 100“ во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје.
Пролетта 1986 година, на иницијатива на професорот Слободан Таневски, дел од учениците и професорите од „Орце Николов“ почнале со подготовки за формирање на младинско експериментално радио во рамките на своето училиште. По едногодишни подготовки и добивање низа одобренија, Младинското експериментално радио „Клуб 100“ го имало своето прво емитување од 25 до 29 мај 1987 година, во рамките на традиционалниот училишен фестивал со кој се одбележувал Денот на младоста – 25 Мај и Денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј. „Клуб 100“ повторно се огласил во скопскиот етер во 1988 година од 6 до 10 јуни, на истата фреквенција од 100,1 MHz ФМ УКБ. Двете експериментални емитувања биле повеќе од успешни, како во технички така и во програмски аспект, придонесувајќи за значајно подигање на стручното образование и креативноста на младите.

По барање и обезбедување на дополнителни дозволи, Младинското радио „Клуб 100“ почнало со редовна работа на 30 ноември 1989 година. Технички раководител и главен и одговорен уредник на радиото бил професорот Слободан Таневски. Секој четврток, од 14 до 22 часот се емитувала разнообразна радиопрограма со широк спектар на емисии и теми.
– Програмската шема почнуваше со „Хит 100“ (музичко-контактна емисија), следуваа емисиите „Демоскоп“ (музичко-контактна емисија), „Бип-бип“ (информативно-контактна емисија), „Музички портрет“ (музичко-информативна емисија), „Топ-листа“ (музичко-контактна емисија), а завршуваше со Ноќна програма во 22 часот – велат организаторите.
Од април 1990, радиото почнало со секојдневна работа, освен во сабота и недела. Поради одредени случувања (проблеми околу статусот на радиото), од септември 1990, па сѐ до згаснувањето на 20 јуни 1991, радиото повторно работело секој четврток.
– Понесени од младешкиот ентузијазам, со невообичаена сериозност и професионализам, радиото даваше слика на актуелните случувања од сите сфери на животот, и тоа не само на младите. Ги следеше настаните и случувањата од сите области и сфери, и преку соодветни коментари, осврти, критики, анкети, интервјуа и разговори со соодветни гости го следеше пулсот и ритамот на времето во кое постоеше. Тоа беа времиња кога немаше интернет и до секоја информација се стигнуваше „рачно“, со „копање“ низ многу книги, лексикони, енциклопедии и списанија. Немаше ниту дигитални плеј-листи, туку музиката се пушташе од плочи (винили), касети и магнетофонски ленти – раскажуваат современиците.
Исклучително значајно е што од тој период останале неколку значајни артефакти во форма на касетни изданија. Во издавачкото портфолио на Младинското радио „Клуб 100“ се компилациските касети „Демоскоп (1 и 2)“, радиодрамите „Полициска приказна (1 и 2)“ на театарската група „Црв“, како и албумите „Чемер“ и „Македонски корени“ на „Ѕвон“, „Заедно сме лице“ на „Девијант“ и „Ритуал и пепел“ на групата „Клержо“.
По згаснувањето на Младинското радио, дел од учесниците продолжија со работа по другите, тогаш новоосновани радија, но и во телевизиите и печатените медиуми во Скопје и Македонија. Тогашните ученици и студенти кои ги креираа програмата и содржините, денес се врвни новинари, медиумски работници, инженери и изградени личности кои со гордост го истакнуваат значењето на тој период и својата работа во Младинското радио „Клуб 100“.





