Како теренската настава во Црна Гора ги збогати знаењата на студентите од ПМФ

Студентите од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје неодамна реализираа теренска настава во Црна Гора, како дел од практичната настава предвидена во студиската програма. Покрај теренските активности, спроведено било и анонимно анкетно истражување во два дела – пред и по завршувањето на патувањето. Извештајот го подготвиле проф. д-р Марија Љакоска и м-р Анита Тодорова.
– Целта беше да се провери нивото на предзнаења и стекнатите сознанија по посетата, како и да се документираат впечатоците од оваа едукативна теренска обука – велат од Институтот..

Во истражувањето учествувале 20 студенти од сите студиски години, 10 машки и 10 женски. Првата анкета содржела 24 прашања за демографските карактеристики на Црна Гора и за претходни искуства на студентите, а втората анкета, со 14 прашања, ги мерела ефектите од теренската настава.

Резултатите покажуваат значаен напредок: студентите во просек препознале 8 од 10 црногорски градови во првата анкета, а 9 од 10 во втората – што претставува подобрување од 20 отсто. Само 10 отсто погрешно навеле град што не се наоѓа во Црна Гора. Знаењата за бројот на жители исто така се зголемиле – од 40 отсто точни одговори на почетокот, до 85 отсто по завршувањето. Познавањето на етничкиот состав и јазичната слика на државата исто така покажува пораст – на крајот сите студенти знаеле дека официјален јазик е црногорски, но најмногу се зборува српскиот.

– За половина од студентите ова беше прва посета на Црна Гора, а сите ја оценија како поинаква и значајна. Најчесто посетени локации претходно биле Будва, Бар и Сутоморе, но оваа теренска настава им овозможи нова перспектива. Најголем впечаток им оставиле природните убавини, пејзажите, националните паркови, но и гостопримливоста на населението. Посебно ги истакнаа Црно Езеро, Котор, Будва и Св. Стефан. Единствена забелешка беше долгото патување со автобус – велат од Институтот..

Дури 95 отсто од студентите би ја препорачале Црна Гора како дестинација за студиски патувања, а 80 отсто би ја посетиле повторно. За многумина, ова беше не само академски туку и личен напредок – зајакната колегијалност, нови пријателства и проширени хоризонти. Како дестинации за идни теренски настави, студентите ги предложиле Хрватска и Италија.

Сподели