Теренската настава опфати бројни стручни предавања од страна на сите присутни професори. Тие беа посветени на природно-географските и социо-економските одлики на местата кои се посетија
Теренска настава во Црна Гора за студентите од сите студиски години и програми организираше Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Студентите имаа шанса директно, преку примери да учат од професорите д-р Благоја Маркоски, д-р Драган Колчаковски, д-р Олгица Димитровска, д-р Свемир Горин, д-р Иван Радевски и д-р Марија, асистентите м-р Анита Тодорова, м-р Емилија Маневска и м-р Арсе Кузманоски и Филип Наумовски. Почесни гости беа проф. д-р Никола Димитров од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и академик проф. д-р Стефан Бужаровски, редовен професор од Универзитетот во Манчестер и визитинг-професор на Институтот за географија при Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Tеренска настава во градот Колашин
Првиот ден теренската настава се одвиваше во Биоградска Гора, еден од петте национални паркови на територијата на Црна Гора, карактеристичен по неговата недопрена древна шума и уникатниот глацијален пејзаж.
– Додека студентите уживаа во глетката на ледничкото Биоградско Езеро, слушаа и предавања поврзани со постанокот, особеностите, заштитата и значењето на езерото од хидролошки аспект но и од аспект на зачувување на животната средина на националниот парк. По разгледот на националниот парк, се упативме кон гратчето Колашин каде по куса пауза и прошетка низ градот, продолживме кон градот Жабљак – раскажува асистентката Емилија Маневска.

Предавање на проф. д-р Иван Радевски за хидрографијата на Биоградското Езеро
Наставата продолжила со посета на Црното Езеро, карактеристично глацијално езеро во рамките на националниот парк Дурмитор.
– Тука студентите имаа можност да се запознаат со карактеристиките на глацијалниот релјеф, хидрографските карактеристики на езерото, биогеографските одлики и општо природните убавини и динамичните пејзажи по кои паркот е познат. Попатно студентите слушаа предавања од сферата на заштита на животната средина, хидрологијата и биогеографијата, а и им беше и појаснето како можат да се ориентираат во просторот – вели асистентот Арсе Кузмзновски.
Во контекст на социоекономската географија по посетата низ националниот парк Дурмитор групата го посетила манастирот „Св. Василиј Острошки“ – Острог, еден од најпосетуваните манастири на Балканот препознатлив по неговата специфична локација, културно и религиско значење. Во контекст на запознавање на карактеристиките на абразивниот релјеф патувањето продолжило кон заливот Бока Которска, а во Котор студентите се запознале со одликите на абразивниот релјеф, хидрографијата на морето, уникатната архитектура и пријатниот амбиент на оваа крајбрежна дестинација.

Од предавањата на проф. д-р Благоја Маркоски за ориентација на земјиштето во географскиот простор на бреговите на Црно Езеро
Теренската настава продолжила кон Будва и посета на плажата Јаз, една од најпопуларните плажи на црногорското крајбрежје и на плажата Могрен до Будва.
– Тука студентите изворно видоа и се запознаа со сите видови абразивни (ерозивни и акумулативни) релјефни форми. Така студентите ги проширија своите сознанија од областа на геоморфологијата и заштитата на животната средина, бидејќи меѓу другото беше појаснето дека оваа плажа е прогласена за споменик на природата од трета категорија и е карактеристична по тоа што е настаната од еродирање на крајбрежјето и претставува одличен пример за абразивен релјеф – објаснува дипломираниот географ Филип Наумовски.

Предавања на проф. д-р Иван Радевски за карактеристиките на хидрографијата на морето, плажа Могрен, Будва
Кај островското гратче Св. Стефан студентите дознале како оваа творба природата ја претворила од остров во полуостров. Теренската настава продолжила кон Скадарското Езеро, најголемото езеро на Балканскиот Полуостров. Во гратчето Плав, во источниот дел на Црна Гора студентите ги повториле своите картографски знаења и ориентација во географскиот простор. На Плавското Езеро, кое се наоѓа во склоп на националниот парк „Проклетие“ студентите имале предавање за хидролошките карактеристики на езерото, а потоа во гратчето Гусиње ги посетиле Али-пашините извори. Теренската настава продолжила на територијата на Косово, во манастирот Високи Дечани, кој се наоѓа на листата на Светско културно и историско наследство на УНЕСКО и е дел од Пеќката патријаршија.

Посета на манастирот Острог
Од Институтот за географија велат дека посебно е важно што студентите непосредно се запознале со карактеристиките на разни релјефни ерозивни и акумулативни форми од сите генетски типови релјеф (флувијален, карстен, глацијален и абразивен релјеф); карактеристиките на хидрографските објекти (извори, реки, езера и мориња); карактеристиките на заштитените подрачја (национални паркови); како и низа карактеристики од социоекономската географија преку непосредната визуализација на населените места, стопански објекти, природни ресурси, инфраструктура и посебно издвоени важни објекти. Методолошки, студентите пополнувале анкетни листови пред и по патувањето кои директно ги покажале новите стегнати знаења.

Практични вежби на Топографска карта и рачен ГПС приемник
– Теренската настава опфати бројни стручни предавања од страна на сите присутни професори. Тие беа посветени на природно-географските и социо-економските одлики на местата кои се посетија. Теренската настава беше оценета како исклучително успешна, не само од страна на професорите, туку и од студентите, кои демонстрираа висок степен на научна љубопитност и културен однос за време на целото патување – објаснуваат од Институтот за географија.

Али-пашини извори, кај населеното место Гусиње
(В.И.И.)
Фото: Институт за географија





