Андријана Цветковиќ: Како Македонка во Токио, горда сум на храброста на спортистите во ова време-невреме да нè претстават достоинствено

Јапонците се едни од најдобрите домаќини во светот и се трудат, и покрај сите овие предизвици, да организираат настан кој ќе го продолжи континуитетот на Олимписките игри и ќе ја покаже нивата гостопримливост – вели Андријана Цветковиќ, некогашен амбасадор на Македонија во Јапонија

Aтмосферата во Токио е убава, но за жал, овие Олимписки игри се одвиваат во време на прогласена вонредна состојба во Токио и повеќе градови, вели Андријана Цветковиќ, некогашна амбасадорка на Македонија во Јапонија и жена која како никој друг работи секојдневно на промоција на македонската култура и традиција во оваа земја. Ја замоливме да ни пренесе каква е атмосферата во Токио, во деновите кога светот се обединува под капата на Олимписките игри.

– Олимпискиот стадион на отворањето на Игрите беше празен, без публика, освен протестите против Олимписките игри кои се одвиваа пред стадионот. Поголем број од населението тука е против одржување на Игрите, поради ковидот, но и поради големиот буџет кој наместо да се намени за справување со вирусот е потрошен на овој настан. Бројот на новозаразени завчера беше 1.300 само во Токио, што е во постојан раст секој ден. Бројот на заразени во Олимпискиот град и меѓу пристигнатите натпреварувачи се искачи на 100, што не е мала бројка ако се има предвид дека сите што пристигнаа се вакцинирани. Поради големиот број на нови случаи, во публиката имаше само медиуми на отворањето. Ако се има предвид дека сите делегации заедно се околу 100.000 луѓе, „можете да замислите каков предизвик е да се организира ова“ – вели Цветковиќ.

Таа додава:
– Сепак, Јапонците се едни од најдобрите домаќини во светот и се трудат, и покрај сите овие предизвици, да организираат настан кој ќе го продолжи континуитетот на Олимписките игри и ќе ја покаже нивата гостопримливост.

Цветковиќ и нејзиното семејство се особено среќни што Македонија учествува на овие игри. Тие сесрдно ги поддржуваат спортистите и навиваат.

– Како амбасадор бев особено посветена да обезбедам што е можно подобар прием на нашата делегација, при што побарав од десетина градови да бидат наши домаќини, а се одѕва градот Чигасаки кој во овие две години направи многу настани за промоција на нашата земја тука. Исто така се залагав каратето да биде олимписка дисциплина и дури остварив посети на Окинава (местото каде родено каратето) и се сретнав со првите луѓе на Карате федерацијата во светот во Токио – вели Цветковиќ.

Иако конкуренцијата е огромна, а нашиот тим е мал, таа се надева дека ќе се закитиме барем со еден медал.
– Им посакувам многу среќа на натпреварувачите и им честитам на храброста во ова време-невреме да дојдат во Токио и да дадат сè од себе достоинствено да ја претставуваат Македонија. Како Македонка во Токио, тоа ме прави многу горда! – вели Цветковиќ.

Таа е почесен претседател на јапонско-македонското друштво за пријателство што таа го возбонови во 2017 година, кога беше амбасадорка.
– Му стојам на располагање на македонскиот спорт, да ги развиеме овие односи, да оствариме блиски контакти со Јапонија и да ги искористиме овие Олимписки игри како почеток на спортската дипломатија со Јапонија – посочи Цветковиќ.

Меѓу другите активности на тема спортот, Цветковиќ беше и панелист на Светскиот економски форум во 2016 година во Токио, на тема „Иднината на спортот“.

насловна фотографија: Агенција за млади и спорт

 

Сподели