Работилница за креирање етно-антрополошки содржини за „Википедија“ на македонски јазик ќе се одржи денеска од 10 до 13 часот на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
– Како дел од омаж на петмина наши некогашни колеги, за кои минатата и оваа година се одбележаа значајни јубилеи од раѓањето или од смртта, студенти и вработени на ИЕА, под менторство на членови на невладината организација „Споделено знаење“ ќе креираат статии на македонски од нивните биографии – велат од Институтот.
Тие објаснуваат дека „Википедија“ вообичаено е првиот извор којшто се појавува на Гугл кога станува збор за основни податоци за одредена тема. Оваа отворена енциклопедија се полни од страна на корисници, од кои зависи за што ќе има, а за што ќе нема податоци и со каков квалитет ќе бидат тие.
– На работилница за збогатување со содржини на „Википедија“ на македонски од областа на етнологијата и антропологијата учесниците ќе добијат подетална слика за тоа што е воопшто „Википедија“ и обука за уредување и внесување на податоци – велат од Институтот.
Предавачи и ментори ќе бидат членови на „Споделено знаење“ (Shared Knowledge), невладина организација чија цел е да ја збогатува со содржини „Википедија“ на македонски јазик.
Насловна фотографија: Wikipedia





