Ретроспективна изложба за 100 години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски

„100 години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски“ е насловена ретроспективната изложба која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во двата салона на Културно-информативниот центар во Скопје. Брезоски е припадник на првата повоена генерација македонски архитекти, кое ќе биде одбележано под знакот на „модерна“ и нејзиниот реформаторски јазик што ќе се прифати и одржи во децениите што ќе следат.

– Творечкиот опус на Брезоски е мошне богат и разновиден. Тој дејствува во речиси сите домени на урбанистичкото и архитектонското проектирање, едукацијата, истражувањето и публицистиката. Неговиот архитектонски опус го сочинуваат многубројни проекти и реализации со широк програмски дијапазон и препознатлив архитектонски израз. Успешно учествува на многубројни јавни домашни и меѓународни конкурси на кои освојува врвни награди. Повеќето од конкурсните проекти биле прифатени за реализирање, со што Брезоски постигнува и меѓународна афирмација – велат организаторите.

Меѓу позначајните објекти се издвојуваат Стоковната куќа во Скопје, Комунално-Комерцијалната банка во Скопје, Амбасадата на СФРЈ во Бразилија, Спомен Шамарица во Хрватска, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и зградата на Работнички дом во Скопје во чии рамки се наоѓа и КИЦ.

Сподели